1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Секојдневието и помирувањето на Косово

Односите меѓу Албанците и Србите на Косово и натаму се напнати. Дали воопшто постојат изгледи за помирување? Меѓународна група фотографи на Косово беше во потрага по визуелен одговор на прашањето.

Споменикот на борците од Втората светска војна во Приштина не се вклопува во денешно време, но и натаму е тука - гломазен, оштетен, упадлив. Социјалистичката градба е симбол на одамна мината ера: некогаш бетонскиот џин беше симбол за братството и единството на народите во Југославија, денес е нем сведок на еден надминат политички систем.

„Споменикот не‘ потсетува дека Албанците и Србите имаат заедничко минато“, објаснува косовскиот фотограф Јетмир Идризи. Тој го фотографирал споменикот во црно-бела техника и фотографијата ја поделил на тесни ленти. Многу од своите мотиви тој нашол во Митровица, во северно Косово. Градот уште од војната се наоѓа во вонредна состојба и е поделен - на север живеат Србите, кои во земјата се малцинство, а во јужниот дел на градот се малцинските Албанци. Барикадите на мостот преку Ибар станаа симбол на конфликтот меѓу Србите и Албанците.

Заедничко минато

Косово е независно од 2008. година, но многумина Срби тоа не го признаваат, сметајќи го и натаму за дел од Србија. Договорот постигнат во пролетта 2013. година би требало да ги нормализира односите меѓу Белград и Приштина.

За косовскиот Албанец помирувањето има врска со заедничкото минато на многуте етнички групи во земјата. Човек понекогаш треба да се заврти наназад, за да тргне напред. Заедно со петмина други форографи од Монголија, Унгарија, палестинските области, Мали и Германија, Идризи помина една недела на Косово.

Секој од нив на свој начин ја интерпретираше темата помирување. Фотографите набљудуваа и фотографираа луѓе, предели и ситуации. Нивните дела можат да се видат на изложба под наслов „Помирувањето во Косово“, организирана од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЦ. Изложбата истовремено се одржува во Берлин, Бон и Приштина.

Помирувањето како жива реалност

Јетмир Идризи е роден во Приштина. Во време на косовската војна имал 15 години, со родителите прво избегал во Македонија, потоа во Белгија и подоцна се вратил назад. Денес тој е познат фоторепортер и работи како во косовска Приштина, така и во српскиот Белград, каде има многу пријатели. За него помирувањето е жива реалност. Тој сепак може да ги разбере бесот и омразата на оние кои во војната загубиле некого близок. Неговото семејство останало поштедено од ваква судбина.

Меѓу шесте фотографи е и Мерлин Наѓ-Торма. Неа најмногу ја импресионирале пресечените фотографии на нејзиниот колега Идризи.

„Тоа симболички е многу силно. Јетмир покажува дека во Косово се‘ уште постојат овие споменици, но тие веќе немаат функција, иако постои шанса еден ден тие народи повторно да се заедно“.

Германската фотографка на почеток имала тешкотии да се вклучи во темата „Помирување на Косово“ во земја во која конфликтот е уште пресен и многу проблеми нерешени:

„Мојата прва реакција беше дека Косово е дефинитивно погрешно место за такво нешто“, вели Наѓ-Торма. Но, за време на еднонеделната посета на Косово таа сепак доживеала убави моменти:

„Во пекарница и во една аптека сретнавме Срби и Албанци кои работеа заедно“. Таму етничката припадност не играла никаква улога.

„Тоа беше убаво да се види, за такви примери претходно не знаев“.

Промена на перцепцијата

Наѓ-Торм во Приштина фотографираше спортски игралишта и куќи. Нејзините фотографии имаат нешто што потсетува на сон, зашто се замаглени.

„Така локациите добиваат поинаква светлина. Мене ми е важно да покажам дека мала промена во нашата перцепција може да има големо влијание“, објаснува таа.

На Јетмир Идризи му се допаѓаат фотографиите на колешката:

„Во почетокот се плашев дека останатите фотографи едноставно ќе фотографираат еден Србин покрај еден Албанец. Но, тие ми покажаа дека помирувањето е многу повеќе од тоа“.

На изложбата во Покраинскиот музеј во Бон неговите фотографии висат покрај оние на Мерлин Наѓ-Торма. Таа е родена и израсната во Германија, но нејзините родители потекнуваат од Србија. За време на проектот тие посебно се разбираа.

„Правевме многу шеги едни за други, но на позитивен начин“, вели фотографката. Примерот на Мерлин Наѓ-Торма и Јетмир Одризи во иднина би требало да го следат сите Срби и Албанци - да го остават минатото зад себе и заеднички да гледаат нанапред.