1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Седум години затвор за Бошкоски

Бошкоски е прогласен за виновен за двете точки од обвинението: злоупотреба на службената должност и незаконско финансирање на изборна кампања.

default

Љубе Бошкоски

Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски е осуден на казна затвор од седум години. Судот во Скопје го прогласи Бошкоски за виновен за две кривични дела, злоупотреба на службената должност и незаконско финансирање на изборната кампања.

Неговите најблиски многу емотивно реагираа на пресудата, посебно сестрата на Бошкоски, информира дописникот на Дојче Веле од Скопје.

Семејството на Бошкоски го обвини судот дека се работи за тоталитаризам и за одлука што ја напишала власта, а судот само ја прочитал. Одбраната најави дека ќе ја обжали пресудата во Судот во Стразбур.

Бошкоски беше уапсен на 6-ти јуни годинава, само еден ден по предвремените парламентарни избори, на кои тој и неговата партијата жестоко ја обвинуваа актуелната власт за корупција и непотизам. Полицијата тврдеше дека во неговиот автомобил пронашла 100.000 евра, пари кои, наводно, Бошкоски ги добил во кеш од непознат донатор заради финансирање на партиската предизборна кампања.

Во текот на судењето се појави и контроверзен таен сведок, обезбеден од полицијата, кој преку видео-врска сведочеше дека му исплатил пари на Бошкоски.

Mazedonien Skopje Ljube Boskjoski

Полицијата тврдеше дека кај Бошкоски пронашла 100 илјади евра

Бошкоски молчеше во текот на целиот судски процес. Прозборе на крајот кога завршуваше судењето. Кажа дека судењето против него е монтиран политички процес и им вети на своите симпатизери дека "Брат Љубе ќе се врати".

Љубе Бошкоски од 2004 до 2008 година беше во притвор во Трибуналот за воени злосторства во Хаг, каде беше обвинет за воени злосторства за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Откако беше ослободен од обвинението, се врати во Македонија, каде најпрво се кандидираше на претседателските избори, а потоа со новоформираната „Обединети за Македонија“ учествуваше и на парламентарните избори, но не успеа да го мине законскиот цензус за влез во парламентот.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Горан Чутаноски

Поврзана содржина