1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Седница на Меѓународната агенција за атомска енергија

На советот на гувернерите централна тема ќе биде спорот околу атомската програма на Иран, иако овој пат не се очекуваат конкретни заклучоци.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Ел Барадеи

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Ел Барадеи

По најновиот компромисен предлог на петте членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето и на Германија, од Техеран доаѓаат првични позитивни реакции. Главниот преговарач Али Лариџани изјави дека понудата има позитивни аспекти, но и проблеми. Шефот на дипломатијата Манушер Мотаки, пак, најави дека е можно Техеран да поднесе сопствен предлог за компромис.

Иран последниве недели не придонесе со своето однесување за изградба на поголема меѓусебна доверба. Спорната програма за обогатување ураниум и понатаму се одвива, а контролорите на Меѓународната атомска агенција тврдат дека Иран инсталирал дури и нови центрифуги за таа цел. Иранските власти одбиваат инсталирање контролни камери во атомската постројка Натанс и не дозволуваат ненајавени контроли, како што тоа го предвидува Договорот за неширење атомско оружје.

Сега се‘ се врти околу прашањето дали САД навистина ќе учествуваат во директните преговори со Иран околу атомската програма, како што беше најавено. Тоа би значело зголемен углед за властите во Техеран, како и признание на меѓународен план. Актуелниот претседавач со ЕУ, австрискиот канцелар Волфганг Шисел се изјасни за сега да не се зголемува притисокот врз Иран, туку да му се дадат 3 до 4 недели за да одреагира на предлогот на западните сили. Доколку дојде до најавените преговори со учество на САД, тогаш не е исклучено на Иран да му се дозволи и ограничено обогатување ураниум под строга контрола. Овој предлог на шефот на Меѓународната агенција е очигледно дел од инаку тајниот пакет, за кој деновиве ќе се дискутира на седницата на гувернерите во Виена.