1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Седми ден по ред протести во Украина

Во украинскиот главен град Киев противниците на владата демонстрираат седми ден по ред. За утре (8.12.2013) е најавен голем протест во Киев на кој се очекуваат стотици илјади луѓе.

На плоштадот на независноста во Киев илјадници луѓе при силни снежни врнежи повторно побараа оставка на државното раководство на земјата. Опозицискиот политичар и светски шампион во бокс, Витали Кличко, пред насобраните граѓани порача дека Украина се наоѓа на „историска крстосница“. „Проруската влада мора да се повлече и од затвор мора да биде ослободена опозициската политичарка Јулија Тимошенко“, побара Кличко.

Покрај тоа, демонстрантите протестираа и против разговорите на претседателот Виктор Јанукович со неговиот руски колега Владимир Путин за стратешко партнерство меѓу двете земји. Јанукович вчера се сретна со Путин во Сочи. Меѓутоа портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков, по средбата истакна дека прашањето за можноста на придружување на Украина кон Царинската унија во Сочи не било разгледувано. „Путин и Јанукович ги разгледуваа актуелните состојби и перспективите на двостраната соработка во финансиско-кредитната сфера“, рекол Песков. Според него, „за сите овие теми преговорите во блиска иднина ќе бидат продолжени на експертско ниво“.

Протестите на проевропската опозиција во Украина беа иницирани од одлуката на актуелната власт да го суспендира потпишувањето на Спогодбата за придружување и слободна трговија со Европската унија. Владата на премиерот Микола Азаров и претседателот Виктор Јанукович велат дека не се откажале од потпишувањето на спогодбата во иднина, но за тоа мора да се земат предвид сите ризици за економијата на земја. Опозицијата, пак, ги обвинува дека ја оддалечуваат Украина од ЕУ и ја свртуваат повторно кон Москва.