1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Седма среќа за Хамбург

Првата победа за Хамбург сезонава, новите успеси на Борусија Менхенгладбах и Вердер и крајот на лошата серија на првакот од Дортмунд ја одбележаа бундеслигашката недела. Непобедливоста на Бајерн, веќе не е ни вест!

default

Фудбалерите на Хамбург ја прославуваат првата победа сезонава

Принцот од Келн повторно беше расположен и му ја донесе првата победа на домашен терен на својот тим сезонава. Лукас Подолски постигна еден гол и асистираше при вториот за успех на Келн од 2:0 во дуелот против Хофенхајм. Тренерот Стале Солбакен, по мечот оцени дека Подолски е можеби и најдобриот играч во лигата, но не го заборави ниту тимот.

„Во одбраната одигравме многу компактно. Сите добро одработија. Добро ја контролиравме и топката. Во последните 15 минути се уморивме, но секогаш ја држевме играта под контрола“, рече Солбакен.

Вториот неделен натпревар донесе вистинска драма во Бремен. Вердер ја порази Херта со 2:1 со гол во последните секунди од мечот во кој гостинските играчи заработија и два црвени картони. Вердер сега изби на втората позиција на табелата, со само два бода заостанување зад Бајерн. Голгетерот Клаудио Пизаро се надева и на чудо.

Fussball Bundesliga Werder Bremen gegen Hertha BSC Tor Pizarro

Клаудио Пизаро му донесе победа на Вердер

„Играме добро, високо сме на табелата. Сега чекаме некој кикс на Бајерн. Но ние ќе мораме и натаму да си ја вршиме нашата работа и да победуваме. Потоа ќе видиме, кој ќе биде прв на крајот“, вели Пизаро.

Прва победа нагости за Дортмунд по седум месеци

Актуелниот првак Борусија Дортмунд ја забележа првата победа на гости од февруари минатата година. Совладан беше Мајнц со 2:1.

„Оваа победа беше неверојатна значајна за нас, особено поради начинот на кој се боревме и работевме во вториот дел. Мислам дека го заслуживме и победничкиот гол, кој падна малку на среќа“, изјави Матс Хумелс од Борусија Дортмунд.

Наградена за пожртвуваната игра беше и Борусија Менхенгладбах. Иако на почетокот на сезоната прогнозите беа дека тимот ќе се бори за опстанок, Менхенгладбах по седум кола се наоѓа на третата позиција со 16 бода. Саботната победа од 1:0 над Нирнберг беше трета едноподруго.

Играчите на Шалке победата од 4:2 над Фрајбург му ја посветија на својот екс-тренер Ралф Рангник кој во четвртокот поднесе оставка поради болест.

„Беше многу тажно она што се случи во четвртокот. Рангник беше многу добар тренер, и јас научив многу од него. Секако дека победата ќе им ја посветиме и на навивачите кои ни дадоа голема поддршка по двата последователни порази“, изјави Луис Холтби од Шалке.

Fußball 1. Bundesliga 7. Spieltag FC Bayern München Bayer 04 Leverkusen

Бајерн Минхен ја оствари и шестата победа сезонава

Аугсбург сеуште без победа

Причина за радост имаа и фудбалерите на Волфсбург кои го совладаа Кајзерслаутерн со 1:0 иако играа со играч помалку цело второ полувреме.

„Резултатот немаше врска со бројната предност. Мислам дека бевме подобар тим, но на крајот победи интелигенцијата. Мораме да учиме од овој пораз“, изјави фудбалерот на Кајзерслаутерн, Кристијан Тиферт.

Уште многу за учење има и новајлијата во лигата Аугсбург, кој по седум меча е единствениот тим без победа. Овојпат Аугсбург пред домашна публика одигра 0:0 против Хановер.

По шестата победа по ред Бајерн Минхен остана на чело на табелата. Без многу напор беше совладан Бајер Леверкузен со 3:0. По подолга пауза поради повреда, гол постигна и Арјен Робен, кој беше бурно поздравен од навивачите.

„Бев навистина изненаден и морам да им заблагодарам на навивачите. Тоа беше прекрасно. Се наежив!“, рече Робен.

Првата победа сезонава во петокот ја прославија играчите на Хамбург, по неочекуваниот успех на гостувањето кај Штутгарт. За в.д. тренерот Родолфо Кардозо триумфот од 2:1 не можеше да дојде во подобар момент.

Автор: Сара Фопел/Борис Георгиевски

Редактор: