1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Сега и Меркел зборува за простување на долговите на Грција

Германската канцеларка Ангела Меркел не исклучува уште едно простување на долговите на Грција во текот на наредните години. Владата во Берлин досега остро се противеше на ваква можност.

Во изјава за весникот „Билд ам Зонтаг“, германската канцеларка Ангела Меркел, рече: „Ако Грција еден ден успее да излезе на крај со своите приходи без да мора наново да се задолжува, тогаш ќе мора повторно да ја разгледаме и оцениме состојбата.“ Тоа, според Меркел, ако се‘ оди по планот, „не би било случај пред 2014/2015 година“.

Германската канцеларка се залага и за поостри санкции за државите должници во рамки на еврозоната. „Сметам дека долгорочно треба да размислиме околу создавање правила и постапки за државите кои нема да ги исполнуваат своите обврски“, вели таа денеска (02.12) за „Билд ам Зонтаг“. Сепак, канцеларката отфрла можност за исклучување на Грција од еврозоната. Ако Грција биде исклучена од еврото против нејзина волја, тогаш „тоа ќе не‘ чини повеќе пари отколку патот по којшто сега одиме“, нагласува Меркел.

Околу можноста за простување на дел од долговите на Грција се водат жестоки дискусии во еврозоната. Застапниците на оваа опција аргументираат дека Атина само на тој начин може повторно да застане на нозе. Меѓу жестоките противници на ваквата можност досега им припаѓаше германската влада. Шефот на пратеничката група на партиите на владејачките партии во Берлин, ЦДУ и ЦСУ, Фолкер Каудер пред само неколку дена изјави дека е несоодветно да се зборува за простување долгови. Шефот на пратеничката група на опозиционата СПД, Франк-Валтер Штајнмајер, пак, нагласи дека порано или подоцна ќе дојде до простување на долговите на Грција.

Приватните доверители се откажаа од дел од своите побарувања од Грција минатата пролет. Ова беше предуслов за земјата да ја добие помошта тешка милијарди евра.