1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сега банките треба да и’ помогнат на Америка

Американскиот претседател Барак Обама побара од американските банки поголем ангажман во поттикнувањето на конјуктурата. Тој во Белата куќа се сретна со врвните менаџери на најважните финансиски институти во земјата.

default

Обама на прес-конференција по средбата со банкарите

Да добиете покана да дојдете во Белата куќа и згора на тоа да се сретнете со претседателот, е несомнено голема чест. Сепак, има такви кои повеќе личат на судски покани и затоа не се толку пријатни. Такви покани имено добија менаџерите на дванаесетте водечки финансиски институти, кои спаѓаат меѓу главните приматели на државните средства за спас на банките, во екот на финансиската криза. Ним Обама им ја пренесе следнава „едноставна порака“: „Американските банки добија огромни средства од даночните обврзници, со цел одново да закрепнат. Сега, кога веќе стоите на две нозе, очекуваме и од вас голем придонес, што ќе помогне во заживувањето на американската економија.“

Претседателот не остана на општ апел, туку изнесе сосема конкретни идеи. Една од нив се однесува на проблемот што малите и средните претпријатија во САД во последно време страдаат од недостаток на кредити од банките, бидејќи тие водат премногу воздржана кредитна политика.

Obama / USA / Banken

Отворен разговор: Обама и шефовите на банките

„Никој не сака банките да прават зделки со голем ризик, што впрочем не’ доведе до сегашната криза“, појасни Обама и додаде дека знае оти банките сега мораат да вложуваат поголеми средства за осигурување од нови кризи. Но, сепак тој очекува: „... тие да ги бараат сите можни патишта за да му помогнат на стопанството повторно да фати замав.“

Нов систем за регулирање

Покрај ова основно барање, Барак Обама им порача на 12 шефови на најголемите американски банки дека очекува да соработуваат со владата при изработката на ефикасни мерки за регулирање на пазарот на капитал. Ова дотолку повеќе што кај повеќето од нив забележал отпор кон ваквите мерки: „Им ставив до знаење дека нема да дозволам нивните лобисти да ги осуетат неопходните реформи што ќе овозможат поголема заштита на американскиот народ. Ако сакаат да се борат против законите за заштита на потрошувачите, тогаш е тоа борба што радо ќе ја водам против нив.

Barack Obama und Notenbankchef Ben Bernanke

Обама и шефот на Централната банка, Бен Бернанки

Поголемиот број од шефовите на банките рекоа дека ќе ги поддржуваат реформите, но се забележува расчекор меѓу нивните ветувања во Белата куќа и активностите на нивните лобости. Побарав тој расчекор да се надмине!“

Прашање е само колку ваквите најави на американскиот претседател уште имаат тежина. Спомнатите лобисти на банките веќе успешно внесоа голем број дупки во законот што минатиот петок мина во Конгресот. Сега е на ред Горниот дом на парламентот и би било многу чудно доколку лобистите не го сторат истото и во Сенатот. Згора на тоа можноста владата да ги замеша своите прсти во бизнисот на банките се намалува со фактот што веќе 11 од вкупно 12 банки почнаа да ја враќаат државната помош што ја добија во екот на финансиската криза.

Автор: Зилке Хаселман / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска