1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Косовска Митровица се чини дека ја искористи втората шанса

Српската влада е задоволна од „односот на луѓето кон изборите“ на Косово. Министерот Александар Вулин оцени дека во Косовска Митровица за време на повторените избори „премногу“ биле присутни безбедносните сили.

Министерот во српската влада задолжен за Косово, Александар Вулин, оцени дека граѓаните на Косовска Митровица „застанаа покрај својата влада и држава“ со тоа што гласаа на повторените локални избори во Косово.

„Луѓето видоа дека изборите се решенија и се соочија со кампањата за бојкот како нешто што не нуди никаква алтернатива и води кон судири на улиците“, рече Вулин, додавајќи дека Србија „никогаш повеќе нема да дозволи Србите да тепаат Срби“ во Митровица.

Според него, препораката на привремените органи на управата на Косовска Митровица до директорите на јавните претпријатија – за заедно со работниците организирано да одат на избори, не претставува притисок врз избирачите.

„Многу граѓани се обраќаа со молба да им овозможиме да излезат на избори, а да не бидат санкционирани поради тоа, па ова беше еден од начините. Никој никого не го тера да излезе или да не излезе, да гласа или да не гласа“, рече Вулин.

Обиди за попречување на изборите?

Претседателката на Централната изборна комисија Виљадете Дака вечерва (17.11) изјави дека досега не се регистрирани некакви проблеми на изборите во северна Митровица. Спротивно на тоа, медиумите пренесоа информација за претепување на двајца работници. Кандидатот за градоначалник на Косовска Митровица од граѓанската иницијатива „Српска“, Красимир Пантиќ, негираше дека неговото обезбедување претепало двајца работници од локалното комунално претпријатие.

„Никој од моето обезбедување никого не нападнал, ниту на гласачките места, ниту на патот до гласачките места“, рече Пантиќ, додавајќи дека противниците на излегувањето на изборите не бираат ниту начини ниту методи да ги оспорат изборите. Пантиќ оцени дека „граѓаните уште еднаш ја послушаа Владата на Србија“ и дека денеска има само „повремени обиди за попречување на изборниот процес“.

Српскиот министер Александар Вулин смета дека „преголемото“ присуство на безбедносните сили, на ЕУЛЕКС, ОБСЕ и КФОР, е знак дека „меѓународната заедница очигледно се чувствува одговорна за случувањата во минатиот изборен круг“.

„Веројатно затоа сакаа да направат се’ за такво нешто да не се повтори“, рече Вулин, додавајќи дека најзначајно е никој никому да не му се заканува, навредува, плука и пцуе.

Гласачкиот материјал донесен од ОБСЕ

Приштинската агенција „Телеграфи“ пренесе изјава од државната обвинителка на Косово Лаура Пуља, која е задолжена за изборниот процес во Косово, дека косовската полиција оддалечила луѓе, кои во близина на гласачките места се претставувале како припадници на цивилната заштита.

Во северна Косовска Митровица денеска се одржуваа повторени локални избори, откако гласањето на трети ноември беше прекинато поради инциденти и кршење на гласачки кутии на три избирачки места. Покрај двајцата дежурни државни обвинители, кои заедно со полицијата ќе преземат мерки доколку се случат инциденти, за тоа се задолжени и обвинители од ЕУЛЕКС.

Право на глас на денешните повторени избори, кои се одржуваа на 27 гласачки места, имаа околу 23.000 гласачи. Од ОБСЕ информираа дека за разлика од прекинатите избори на трети ноември, денешните се отворени навреме на сите гласачки места. Гласачкиот материјал рано утрово беше донесен од страна на претставници на ОБСЕ.