1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја тестираше ракета со долг дострел

Северна Кореја ги игнорира меѓународните предупредувања и изврши тест на ракета со долг дострел.

Северна Кореја лансираше ракета со долг дострел и покрај меѓународната критика, соопштија Јужна Кореја и Јапонија. Според наводи од Пјонгјанг станува збор за тест на ракета носач за сателит. Западот меѓутоа се сомнева дека тоа е недозволен ракетен тест во рамките на севернокорејската атомска прогама. Повеќе нации побараа комунистичката земја да се откаже од намерата. Министрите за надворешни работи на ЕУ уште во понеделникот можниот тест на ракетата го означија како „провокативен чин“. Владата во Токио претходно го подигна степенот на готовност на армијата и стационираше Патриот ракети за одбрана на Окинава. Освен ова САД и Јапонија позиционираа воени бродови со системи за противвоздушна одбрана. Според резолуцијата на ОН од 2009 година на Северна Кореја и се забрануваат тестови со ракети со долг дострел.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун остро го осуди лансирањето на ракета од Северна Кореја и изрази загриженост дека тоа може негативно да се одрази на перспективите за мир и безбедност во регионот. „Генералниот секретар го осудува лансирањето на ракета, објавено од Корејската народно-демократска република“, изјави портпаролот на Бан Ки-мун, Мартин Несирки. Во соопштението се наведува дека тоа е грубо кршење на резолуцијата 1874 на Советот за безбедност, од 2009 година со која на Северна Кореја и се забрануваат тестови со ракети со долг дострел. Денеска се очекува да расправа и Советот за безбедност на ОН

Белата куќа, исто така, го осуди лансирањето на ракета од Северна Кореја оценувајќи го како „крајно провокативен акт“, што е во спротивност на резолуциите на ОН.

„САД остануваат будни пред лицето на севернокорејските провокации и целосно посветени кон безбедноста на нашите сојузници во регионот“, изјави портпаролот на Белата куќа Томи Вајтер.