1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја се сеќава на Ким Јонг Ил

Во Северна Кореја денеска (17.12) се одбележа една година од смртта на претходниот лидер Ким Јонг Ил, кој почина од инфаркт.

Северна Кореја денеска ја одбележа годишнината од смртта на поранешниот властодржец Ким Јонг Ил. Стотици илјади војници и цивили се собраа пред палатата во главниот град Пјонгјанг каде се наоѓа мавзолејот на починатиот властодржец.

„Нашиот народ и војската во солзи копнеат по сончевата насмевка на нашиот сакан татко“, се вели преку државната севернокорејска телевизија, која во живо ги пренесуваше свеченостите. „Плачеме за тебе и со болка плачеме по деновите кога беше присутен“, се вели преку телевизијата.

За време на церемонијата, на минусни температури присутните со триминутно молчење му оддадоа почит на починатиот претседателот Ким Јонг Ил.

Претходно, наследникот Ким Јонг Ун со неговата сопруга Ри Сол Ју како и претставници на владата, на партијата и армијата го посетија мавзолејот. На зданието во кое е погребан и основачот на државата, таткото на Ким, Ким Ил Сунг висеа два огромни портерти на двајцата претседатели.

Во говорот одржан од началникот на Главната политичка управа на Корејската народна армија Чве Рон-хе, беа забележени заслугите и на двајцата „велики генералисимуси“ - дедото и таткото на сегашниот севернокорејски лидер.

Ким Јонг Ил почина на 17. декември 2011 на 69 годишна возраст. За време на неговото 17 годишно владеење ја поддржуваше програмата за атомско вооружување и беа изведени два тестови во 2006 и  2009 година. Поранешниот властодржец ретко се обраќаше во јавноста. Од периодот на неговото владеење документирано е едно обраќање за време на една масовна манифестација.