1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја се откажува од атомската програма!

Постигнат пробив во шестпартитните преговори во Пекинг. Ќе го одржи ли овој пат Пјонгјанг своето ветување?

Juжнoкорејскиот преговарач Чун Јунг Во

Juжнoкорејскиот преговарач Чун Јунг Во

Пет години работите во шестпартитните преговори за атомската програма на Северна Кореја одеа чекор напред – два назад. Еднаш постигнатата согласност во 2005-та година Пјонгјанг набргу ја отповика. Кога пред околу 4 месеци Северна Кореја иврши прва проба на атомско оружје се чинеше дека решението на спорот е подалеку од било кога. До денеска. Вест на денот за информативните програми во светот е дека по вистински преговарачки маратон е направен решавачки пробив во преговорите.

Северна Кореја се согласи да се откаже од својата атомска програма, објави кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ву Давеи: “Резултатот е од значење за мирот, стабилноста и развојот на корејскиот полуостров. Тој е од значење за подобрување на меѓусебните односи на поединечни земји, како и за хармонијата во источна Азија”.

Првите чекори треба да уследат веќе во наредните 60 денови: Северна Кореја треба да ги запечати своите поголеми атомски постројки и да дозволи посета на инспектори од странство. Таа искажа готовност и да ги наведе сите свои атомски постројки. За возврат прво ќе добие 50 илјади тони сурова нафта, а натамошни испораки на енергија и други видови помош ќе уследат откако де факто ќе ги затвори атомските постројки. Ветена е и хуманитарна помош.

Излезено и’ е во пресрет на нејзината желба за поведување билатерални разговори со САД, што досега тврдокорно беше одбивано од американска страна. “Северна Кореја и САД ќе започнат билатерални разговори со цел да се расправа за работи кои се однесуваат само на тие две земји, но во краен биланс треба да придонесат и за јакнење на меѓународните односи. Освен тоа, САД ќе работат за тоа, Северна Кореја веќе да не биде сметана за ’земја што поддржува терор”.

Согласноста постигната на шестпартитните преговори, во кои покрај САД и Северна Кореја уште учествуваат и Кина, Јапонија, Русија и Јужна Кореја, е пресвртница: досега никогаш немаше толку конкретен договор за постапките во разградувањето на севернокорејската атомска програма. Во март е наредната рунда на преговорите во Пекинг. До тогаш мора да бидат направени првите чекори од страна на Пјонгјанг, па ќе се види дали тамошната влада овој пат ќе ги одржи своите ветувања.