1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја се заканува со Врховниот суд

Среде конфликтот на Корејскиот полуостров раководството на Северна Кореја сака да изведе еден американски граѓанин пред Врховен суд. Тој е обвинет дека сакал да го собори комунистичкиот режим.

Американецот Пае Џун Хо, уапсен минатиот ноември, ги призна злосторствата за кои е обвинет, јавија државните медиуми на комунистичка Северна Кореја. За тоа тој би морал да одговара пред Врховниот суд. Според проценките на набљудувачите, во најлош случај му се заканува смртна казна.

Пае беше уапсен на почетокот на ноември 2012 година, пристигнувајќи во северниот пристанишен град Расон. Јужнокорејските медиуми го идентификуваа како 44-годишен туристички водич со корејско потекло, кој со петмина туристи патувал низ Северна Кореја. Еден од нив кај себе имал компјутерски хард диск со чувствителни податоци. Пае најверојатно е корејското име за Кенет Бае. Според американските медиуми, Бае имал контакти со едно движење протестански христијани.

Изминатите години во Северна Кореја повеќепати беа апсени американски државјани. По преговорите со високи по ранг американски претставници тие повторно беа ослободувани. Поранешниот американски претседател Џими Картер во 2010 година отпатува во земјата и издејствува ослободување на Аијалон Махли Гомес, осуден на осум години принудна работа, кој наводно нелегално допатувал во Северна Кореја. Една година претходно екс претседателот Бил Клинтон во слична мисија ослободи две новинарки, кои исто така беа уапсени поради нелегално преминување на границата.

Изминатите недели се заостри конфликтот меѓу комунистичка Северна Кореја и Јужна Кореја. Режимот во Пјонгјанг ги прекина сите врски за итни случаи со Сеул и ја затвори заедничката специјална економска зона Каесонг. Освен ова земјата ја провоцираше и меѓународната заедница со лансирање ракети и атомски тестови и се закани со атомски напади врз Јужна Кореја и САД.