1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја: ракети, атомски бомби и гладни жители

Повторно напнатост во Источна Азија. Северна Кореја неуспешно лансираше ракета - легитимен чекор или илегален тест на интерконтинентална балистичка ракета?

Ракетата Унха-3 е долга 30 метри и тешка 90 тони. Лансирната рампа се наоѓа во новата ракетна база, на околу 60 километри јужно од границата кон Кина. Неодамна беше организирана посета на базата за 50-ина странски новинари како дел од пропагандната офанзива, со која Пјонгјанг сака да ги демонстрира своите наводно мирољубиви намери.

Ракетата - за цивилни или за воени цели?

Но, светот останува скептичен и ја сомничи Северна Кореја дека под плаштот на лансирање метеоролошки сателит всушност тестира балистичка интерконтинентална ракета. А, такви тестови се забранети со резолуција на Советот за безбедност на ОН од јуни 2009. Тоа беше одговор на тестот на атомска бомба што го изврши Северна Кореја во мај истата година.

Проблемот овде е што не може да се направи разлика меѓу ракетна технологија за цивилни и за воени цели. „Како што знаеме и од примерите со други држави, вклучително САД и поранешниот Советски Сојуз, сите вселенски програми секогаш - да кажам малку претпазливо - служат и за воени цели, ако не се дури и примарно воено ориентирани“, вели во разговор за DW.DE Ридигер Франк од универзитетот во Виена, експерт за Северна Кореја.

Секој четврти човек во Северна Кореја гладува

Nordkoreanische Rakete auf dem Startgelände von Tongchang-ri

На новинарските екипи им беше дозволено да го посетат местото на лансирањето на ракетата

Периодот за лансирање на Унха-3 беше одбран за да се одбележи 15. април, 100 години од раѓањето на Ким ил Сунг, основачот на Северна Кореја, дедо на сегашниот диктатор Ким Јонг-Ун. Со години тоа беше најавувано како најважен национален настан, вели Ридигер Франк. „Тогаш, се разбира, мора и да се направи нешто величествено, видливо“, нагласува Франк. Лансирање ракета е токму погодно за тоа. Но овојпат заврши во вистинска бламажа.

Лансирањето ракета се вклопува и во досегашната мостра на однесување на Пјонгјанг - постојано да се одржува одредена напнатост во односите со надворешниот свет.

„Северна Кореја има многубројни проблеми, првенствено во снабдувањето на населението, и зависи од тоа да не биде заборавена нејзината судбина. Затоа таа користи невообичаени и од остатокот на светот не многу ценети инструменти и методи за да го привлече вниманието“, оценува за DW.DE Норберт Ешборн, раководител на бирото на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Сеул (Ј. Кореја, н.з.). Северна Кореја има околу 24 милиони жители. ОН проценуваат дека околу шест милиони, или секој четврти жител, не се доволно исхранети.

С. Кореја се заканува и со нов тест на атомска бомба

Nordkorea Vorbereitung auf den dritten Atomwaffentest

Ракетата се лансира во чест на основачот на Северна Кореја

Стартот на ракетата, и покрај тоа што беше неуспешен, натамошно ќе го отежне снабдувањето на населението, оти го загрозува спроведувањето на договорот склучен со САД кон крајот на февруари годинава. Северна Кореја се обврза да го запре облагородувањето ураниум, повторно да дозволи контроли на инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија и да прекине со ракетни тестови. За возврат, САД ветија испорака на 240 илјади тони прехранбени средства. На почетокот на април во Берлин неформалните разговори, на високи по ранг делегации на двете земји, беа прекинати од севернокорејска страна по американската критика за планираното лансирање ракета.

Даниел Пикстоун, експерт за Кореја во Меѓународната кризна група, смета дека лансирањето ракета имало повеќе цели: Северна Кореја да си прави реклама за извоз на своја технологија и системи, да се претстави како силна земја со која мора да се преговара на рамна нога и новиот диктатор Ким Јонг-Ун да се презентира како моќен, оти неговата позиција уште ни оддалеку на е стабилна.

Во меѓувреме Северна Кореја направи уште чекор натаму во ескалацијата - се закани дека ќе изврши нова проба на атомска бомба ако и’ бидат наметнати санкции поради лансирањето ракета.