1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја прогласи „воена состојба“

Властите во Пјонгјанг денеска објавија дека стапуваат во воена состојба со соседна Јужна Кореја. Војската, како што е наведено, очекува натамошни наредби од властодржецот Ким Јонг Ун.

Северна Кореја прогласи денеска дека е „во војна со Јужна Кореја“ и ги предупреди Сеул и Вашингтон дека секоја провокација би можела да ескалирала во тотален нуклеарен судир.

„Односите меѓу двете Кореи од овој момент влегуваат во воена состојба и Работничката партија, министерствата и останатите институции на Северна Кореја од сега натаму сите прашања меѓу двете земји ќе ги решаваат во согласност со воените протоколи“, се наведува во официјалното соопштение на властите во Пјонгјанг, кое го објави државната новинска агенција КЦНА. „Војската на Северна Кореја очекува натамошни наредби од властодржецот Ким Јонг Ун, се вели во соопштението.

Серозно сфатена закана

Во изминатите недели комунистичките власти во Пјонгјанг во неколку наврати им се заканија со напади на Јужна Кореја и на САД. Во петокот Ким Јонг Ун издаде наредба за ставање во борбена готовност на статегиските ракети. Северна Кореја со тоа регираше на задничките воени маневри на САД и Јужна Кореја во чии рамки два американски бомбардери со стелт технологија невидлива за радарите прелетуваа преку јужниот дел на Корејскиот полуостров.

САД во меѓувреме порачаа дека оваа објава на Пјонгјанг ја сфаќаат сериозно, но забележаа дека се работи за познатиот образец на однесување на Пјонгјанг, додека Јужна Кореја оцени дека се работи за стара закана која е формулирана на нов начин. Кина и Русија повикаа на мир, а особена загриженост изрази рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. „Ние едноставно гледаме дека ситуацијата излегува од контрола“, рече тој.

„Ескалација која го погодува целиот свет“

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја предупреди Северна Кореја од ескалација на безбедносната состојба. Однесувањето на комунистичкото раководство во Пјонгјанг е сериозна закана за мирот во целиот регион, напиша Вестервеле во гостинскиот коментар за весникот „Билд“. Според него, она што се случува на Корејскиот полуостров ја погодува „безбедносната архитектура на целиот свет“. Заменик генералниот секретар на НАТО Александар Вершбоу пак истакна дека „со младиот и неискусен севернокорејски лидер Ким Јонг-Ун би било неразумно да се исклучи можноста за воен судир на Корејскиот полуостров“.

Северна и Јожна Кореја официјално и без тоа се наоѓаат во воена состојба по крајот на Корејската војна во 1953. Своевремено бил склучен само договор за прекин на огнот.