1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја препорачува евакуација на амбасадите во Пјонгјанг

Странските амбасади во Пјонгјанг добиле допис од севернокорејското раководство да ги испразнат објектите. Германското МНР соопшти: Поради ескалацијата ги проверуваме постојано безбедноста и функционирањето на амбасадата.

Според британски наводи, Пјонгјанг соопштил дека безбедноста на амбасадите, во случај на конфликт, не може да се гарантира по 10. април. Затоа амбасадите мора да ги проверат плановите за евакуација. Сепак, конкретно барање за евакуирање досега нема. Предупредувањето на севернокорејските власти од британска страна се оценува како „дел од актуелната реторика на Северна Кореја“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, според руските новински агенции, изјавил дека од сите амбасади во Пјонгјанг е побарано да ја разгледаат опцијата за акција на евакуација на вработените во дипломатските претставништва. Амбасадорите на земјите на ЕУ кои имаат амбасади во Пјонгјанг утре (06.04) ќе се сретнат за да разговараат како да се однесуваат во дадената ситуација, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи во Софија. Само седум од вкупно 27 земји на ЕУ имаат амбасада во Северна Кореја. Портпарол на Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон изјави дека „амбасадите на лице место се во постојан контакт и прават проценка на ситуацијата“.

За Северна Кореја треба да се разговара и на средбата на министрите за надворешни работи на државите на Групата 8, наредната недела во Лондон. Треба да се донесе одлука за „заедничка решителна акција“, се вели во Берлин.