1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја осуди американски државјанин

Највисокиот суд во Северна Кореја осуди американски граѓанин на 15 години принудна работа во работен логор. Информацијата ја соопшти државната новинска агенција КЦНА. Детали за случајот не се соопштени.

На 30 април бил одржан судскиот процес против американскиот државјанин. Кенет Бе беше уапсен на почетокот на ноември 2012 година во североисточниот дел од комунистичката земја.

Според јужнокорејските медиуми, 44-годишниот американски граѓанин со корејско потекло работел како туристички работник. Тој бил уапсен во ноември кога со четворица други туристи влегол во Северна Кореја. Кај групата туристи наводно била најдена компјутерска матична плоча со „чувствителни податоци“.

Обвинување за државен удар

Режимот во Пјонгјанг на викендот најави дека ќе го изнесе пред највисокиот суд обвинетиот, чие корејско име е Пае Јун Хо, поради „обид за уривање на поредокот на Демократската Република Кореја“.

Тој наводно веќе го признал делото пред пониските инстанци.

САД во понеделникот побараа итно ослободување на својот државјанин од „хуманитарни причини“. Човекот допатувал во Северна Кореја со важечка виза, потенцираше портпарол на Министерството за надворешни работи на САД во Вашингтон. На почетокот на годината при посетата на изолираната земја и поранешниот американски амбасадор во ОН, Били Ричардсон, залудно бараше ослободување на американскиот државјанин.

Порано во Северна Кореја често беа апсени американски граѓани, но по преговорите со високи по ранг американски политичари беа пуштани на слобода. Последно беше ослободен Еди Јунг Јонг Су во 2011 година, по половина година по апсењето. Јун, кој има корејско потекло, веројатно бил уапсен поради ангажманот како христијански мисионер во земјата.

Јун тогаш беше трет верски активист од САД уапсен во Северна Кореја и подоцна пуштен на слобода. Роберт Парк беше ослободен во февруари 2010 година, Ајилон Мали Гомес во август 2009. Во 2009 година тогашниот американски претседател Бил Клинтон ги врати дома двете телевизиски новинарки Лаура Линг и Еуна Ли, кои при планинарење од Кина веројатно од невнимание ја преминале границата на Северна Кореја.