1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја најави нов ракетен тест

Владата во Пјонгјанг повторно планира тест на ракета, официјално - заради лансирање сателит во вселената. САД стравува дека ракетниот тест е дел од спорната атомска програма.

Раководството на Северна Кореја, независно од меѓународната критика, повторно ќе лансира ракета во вселената.

Владата денеска (01.12), според соопштение на официјални претставници на севернокорејскиот Комитет за вселенска технологија, најавилa дека планира во периодот меѓу 10 и 22 декември да изврши ново тестирање на ракета со голем дострел.

Ова ќе биде второ по ред тестирање на ракета со голем дострел откако лидерската функција во Северна Кореја ја презеде Ким Јонг Ун.

Претставниците на Комитетот истакнуваат дека по неуспехот во април била извршена детална анализа, со која значително е зголемен ракетниот и сателитскиот капацитет на земјата.

САД и ОН претпоставуваат дека планот на Северна Кореја не е лансирање на сателити за истражување во вселената. Тие претпоставуваат дека планираното лансирање ракета е дел од спорната атомска програма на земјата. Посебно САД стравуваат од можноста севернокорејска ракета со долг дострел со атомска боева глава еден ден да стигне до нивната територија. ОН, поради тоа, по неуспешниот ракетен старт во април воведоа санкции против авторитарниот режим во Пјонгјанг и ја прекинаа испораката на прехранбени продукти.

Тестирањето на ракетата во Северна Кореја се врши во време додека се одржуваат парламентарни избори во Јужна Кореја, што може да предизвика тензии меѓу двете држави.

Официјален Сеул денеска го предупреди Пјонгјанг да се откаже од лансирањето на ракетата планирана за средината на овој месец, истакнувајќи дека ова е замаскирано тестирање и претставува провокација за меѓународната заедница.

„Обидот на Северна Кореја уште еднаш да лансира ракета со голем дострел е огромна провокација која ја игнорира загриженоста на меѓународната заедница и нејзините предупредувања, а претставува и директен предизвик за меѓународната заедница“, се наведува во соопштението на јужнокорејското Министерство за надворешни работи.