1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја и САД: Рационално-нерационално

Лидерот на Северна Кореја има стратегија која тврдокорно ја следи. Тој противречните сигнали од Вашингтон го толкува како закана. Тоа уште повеќе го отежнува решавањето на конфликтот, смета Петер Штурм.

За Ким Јонг Ун е веќе многу напишано, со право ретко нешто навистина благонаклонето. Но, во сегашната ситуација, која би можела да прерасне во криза, на севернокорејскиот лидер може нешто да му се признае: Ким Јонг Ун не постапува нерационално. Наместо тоа, тој има стратегија и ја следи со голема непопустливост, слично на неговиот татко Ким Јонг Ил и на дедото Ким Ил Сунг. За разлика од неговите предци, Ким Јонг Ун очигледно чувствува акутен временски притисок. Тоа секако е поврзано со промената на власта во Вашингтон.

Владата на Трамп објави дека на стратегијата на Обама за „стратешка трпеливост“ во справувањето со Северна Кореја ѝ е дојден крајот. Тоа што од јануари наваму од Вашингтон доаѓаат противречни сигнали, Ким Јонг Ун веројатно не го толкува онака како што навистина е во реалноста, имено владино-административен метеж. Наместо тоа, тој изведува заклучоци дека сѐ што е јавно кажано е до најмал детал усогласено во Вашингтон. И од една ваква перспектива тој метеж тогаш за другата страна брзо делува заканувачки, затоа што (наводно намерно) ги збунува потенцијалните противници.

Sturm Peter Kommentarbild App PROVISORISCH (FAZ)

Петер Штурм

Рационалноста има граници

Затоа Ким Јонг Ун за себе гледа еден „прозорец на ранливост“. Најважна причина е тоа што тој само пропагандно може да дејствува на исто рамниште со Америка. Воено, од друга страна, тоа одамна веќе не е случај. Во тоа, ништо не променија ниту двата атомски и бројните ракетни тестови. Ким сака што побргу, колку што е технички возможно да ја усворши нуклеарната програма, затоа што смета дека само на тој начин е безбеден од напад.

Сосема друго прашање е дали добрите совети, како на пример оние од Кина за САД, дека Вашингтон, сепак, треба да се вклучи во дијалог со Пјонгјанг, навистина би можеле да го решат конфликтот. Имено, ако има некоја константа во овие добри 30 години живот на Ким Јонг Ун, тогаш тоа е да не се верува никому, особено некому од странство, или пак на парче хартија. Затоа, иако договор со Северна Кореја теоретски  е можен, сепак тешко за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Но речиси е невозможно, да му се верува на Ким Јонг Ун дека ќе се придржува до договореното. Толку далеку не досега рационалноста на лидерот на Северна Кореја .

DW.COM