1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја им се заканува со напади на САД

Раководството од Пјонгјанг се закани со напад на американско тло, како и врз американските воени бази во Пацификот. Армијата е ставена во состојба на целосна готовност.

Северна Кореја ја стави својата армија во состојба на зголемена готовност и им нареди на стратешките ракетни воени единици да се подготват за евентуални напади врз американски воени бази на територијата на САД и на тихоокеанските острови Гуам и Хаваи, соопштија севернокорејските медиуми.

Оваа одлука е донесена откако американските бомбардери извршија нови летови, кои Северна Кореја ги протолкува како закана.

„Од овој момент Врховната команда на Корејската народна армија ги стави во состојба на зголемена готовност сите артилериски воени единици, вклучувајќи ги и ракетните единици и артилеријата со голем дострел“, се наведува во соопштението објавено во корејските медиуми.

Нападите би можеле да бидат насочени и кон воени објекти во Јужна Кореја.

САД и Јужна Кореја планираат реакција

Воените сили на САД и на Јужна Кореја, според нивни сопствени наводи, развиле заеднички оперативен план во случај на воена провокација од страна на Северна Кореја. Тој предвидува „непосредна и решителна реакција на секоја севернокорејска провокација“. Планот е подготвен уште по севернокорејскиот напад во ноември 2010 година врз островот Јонгпјонг, кој и‘ припаѓа на Јужна Кореја, а е потпишан минатиот петок.

Деталите од планот не се соопштени, како ни тоа што би се сфатило како „провокација“. Војската во Сеул навестува сепак американска поддршка и во случај на поситни севернокорејски провокации, а не само при избивање на војна.

Ситуацијата на Корејскиот полуостров е исклучително тензична по третиот севернокорејски ракетен тест во февруари. Пјонгјанг, по проширувањето на санкциите на ОН поради атомскиот тест и годишните јужнокорејско-американски воени вежби, објави истапување од најважниот билатерален договор со Сеул, Пактот за ненапаѓање, со кој во 1953 година беше прекината војната меѓу двете Кореи. Неодамна Северна Кореја веќе им се закани на САД со атомски напад. САД имаат стационирано во Јужна Кореја 28.500 војници.