1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја даде зелено светло за нуклеарен напад врз САД

Армијата на Северна Кореја официјално даде одобрение за напад врз САД, кој вклучува и употреба на атомско оружје. Американците најавија стационирање на систем за противракетна одбрана на островот Гуам.

Ескалација на конфликтот на корејскиот полуостров. Портпарол на Генералштабот на армијата на Северна Кореја соопшти дека е дадено зелено светло за напад врз САД. Владата во Вашингтон ќе биде формално информирана дека е тоа реакција на Пјонгјанг на заканите од САД, се вели во Северна Кореја. Најновото соопштение на Пјонгјанг беше објавено на сервисот на англиски јазик на севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја и САД се значително зголемени. Раководството во Пјонгјанг веќе им се закани на САД со превентивен нуклеарен напад и соопшти дека се наоѓа во воена состојба со Јужна Кореја. САД потоа во регионот испратија воени бродови и авиони невидливи за радари и вчера (03.04) соопштија дека на островото Гуам во Пацификот во наредните недели ќе стационираат систем за противракетна одбрана. Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел изјави дека дел од последните гестови на Северна Кореја претставуваат „реална и јасна опасност“:

US Verteidigungsminister Chuck Hagel

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел

„Потребна е само една погрешна проценка, а јас не сакам да бидам министер за одбрана кој имал погрешна проценка“, рече Хејгел. Притоа, тој се осврна на заканите на Северна Кореја дека ќе ги нападне американските бази во Пацификот, што значи потенцијални цели би биле Гуам, Хаваи или дури и западниот брег на САД. Хејгел нагласи дека неговата влада ќе стори се‘ за да се отстрани опасноста. Според неговите зборови, патот за мир на корејскиот полуостров постои и натаму, но тој не води преку закани со атомски напади.

Воени експерти се сомневаат дека Северна Кореја располага со технички средства за напад врз територијата на САД. Но, според експертите, можен е севернокорејски напад со ракети со среден дострел врз американските трупи во Јужна Кореја или воените бази во Јапонија. Освен тоа, Пјонгјанг со своите ракети може да достигне цели во цела Јужна Кореја.

На границата меѓу двете Кореи работниците од југот повторно беа спречени да влезат во заедничката економска зона Каесонг. Извештаите дека севернокорејските власти наредиле сите јужнокорејски претпријатија да го напуштат Каесонг до 10 април беа демантирани од страна на владата на Јужна Кореја.