1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна Кореја го откажа „црвениот телефон“ со Јужна Кореја

Пјонгјанг го поништи најважниот билатерален договор со Јужна Кореја од 1991 година, пактот за нeнапаѓање. Прекината е и „директната линија“ со соседот.

Северна Кореја одбра курс на дополнителна конфронтација по најновите меѓународни санкции против неа.

Пјонгјанг соопшти дека ги поништува спогодбите за ненапаѓање со Јужна Кореја и оти ја прекинува телефонската линија за вонредна врска меѓу двете земји. Ова се случи неколку часа, откако Советот за безбедност на Обединетите нации гласаше за нови санкции против Пјонгјанг.

Северна Кореја ги поништи сите спогодби за ненапаѓање меѓу Северот и Југот, стои во соопштението од Комитетот за мирно обединување на Кореја, објавено од државните медиуми.

Јужна Кореја потсетува дека Северна Кореја досега два пати ја прекинувала итната телефонска линија, воспоставена во 1971 година. Главниот договор за ненапаѓање беше потпишан во 1991 година. Тој ги обврзуваше двете земји да ги решат своите спорови по мирен пат и да избегнат воени конфронтации.

Државниот Комитет во Пјонгјанг предупреди дека севернокорејската војска ќе одговори на секоја повреда на границата, па ако се работи и за „само еден цантиметар“ и ќе регира безмилосно.

Вчера Советот за безбедност на ОН во Њујорк реагираше со воведување нови санкции на најновиот атомски тест на комунистичката земја од 12 февруари. Највисокото тело на ОН соодветната резолуција ја донесе едногласно. Текстот претходно бепе подготвен од САД и Кина, која се смета за најблизок сојузник на Северна Кореја.

Санкциите треба уште повеќе да го отежнат снабдувањето со материјал за атомско оружје на осиромашената земја. Во резолуцијата се предвидени натамошни ограничувања на финансиските трансакции и уште построг приод против увозот и извозот на забранети материјали. Раководството во Пјонгјанг нема да може да се снабдува со луксузни производи. Меѓународната заедница нема да го толерира стремежот на Северна Кореја кон атомско оружје, потенцираше генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Кратко пред одлуката, Северна Кореја им се закани на САД со нуклеарен напад. „Бидејќи САД имаат намера да почнат атомска војна, ние ќе го искористиме нашето право на превентивен атомски напад против командните централи на агресорите со цел да ги заштитиме нашите највисоки интереси“, изјави портпаролот на севернокорејското министерство за надворешни работи.

САД ја отфрлија заканата, остро критикувајќи го курсот на комунистичката држава. Со ова севернокорејското водство уште повеќе се доведува во меѓународна изолација, изјави портпарол на американскиот претседател Барак Обама. Освен тоа, САД се целосно во состојба да се одбранат од ракетен напад од Северна Кореја. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на САД, Викторија Нуланд дополни-заканите од ваков вид и онака не се нови. Северна Кореја досега често докажува дека не и‘ е грижа за подобрување на меѓународните врски.