1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Северна и Јужна Кореја во знакот на приближување

Северна и Јужна Кореја прават два чекора на приближување. Во економската сфера е договорен повторен почеток на работата во индустриската зона Кесонг, а истовремено треба да се зацврсти и личната димензија во односите.

Северна Кореја се согласи со предлогот на Јужна Кореја за спојување на разделените корејски семејства. Милиони Корејци по крајот на Корејската војна (1950-1953) живеат на различни страни од корејската граница. Сега добија дозвола за средба во пограничното место Панмунџом на 19 септември, на традиционалниот Празник на жетвата, под надзор на Црвениот крст. Пјонгјанг дал согласност на предлогот на Јужна Кореја, јави севернокорејската државна телевизија.

Последното среќавање на семејствата се случи во 2010 година (на фотографијата - средба на едно семејство на 30 октомври 2010 година). Во моментов околу 72.000 Јужнокорејци се наоѓаат на официјалната листа на чекање, во надеж дека ќе добијат дозвола да ги посетат роднините на северот. Половината од нив веќе имаат наполнето 80 години.

Освен тоа, по повеќемесечни тензии има напредок и во однос на заедничката индустриска зона Кесонг. По повеќе рунди преговори, во средата (14.08), двете страни се договорија за повторно отворање на индустрискиот комплекс, затворен пред околу четири месеци поради тензиите меѓу двете земји. Кога ќе почнат да работат првите фабрики во Кесонг не е прецизно утврдено. „Тоа зависи од текот на преговорите“, изјави портпаролка на Министерството за обединување во Сеул.