1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ ќе иницира предвремени избори

СДСМ реши да се откаже од барањето за формирање комисија за контрола на трошењето буџетски пари, да присуствува на координациите кај претседателот на Собранието и да поддржи донесување каков било собраниски Деловник.

default

Бранко Црвенковски

Од опозициската партија велат дека се одлучиле на овој потег со цел да не бидат оправдување за евентуално негативен извештај од Европската Комисија (ЕК).

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски денеска изјави:

„Повторно водејќи се од националните и државни интереси и од нашата искрена определба за продолжување на Евро-атлантските интеграции одлучивме - ќе поддржиме и изгласаме било каков деловник кој од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ставен на изјаснување во Собранието, вклучително и на оној катастрофалниот од јули 2008-ма. Се откажуваме од иницијативата за формирање на собраниска комисија за контрола над трошењето на народните пари. Впрочем, ако оваа власт решила, а решила да краде, тој проблем не може да се реши со собраниска комисија туку со промена на власта. Претставниците на СДСМ ќе присуствуваат на координациите кај спикерот Вељаноски, без разлика што таму се дискутира, дали нешто се договара и дали договореното потоа доследно се спроведува“, изјави Црвенковски.

Според него, „со ова критериумот за функционален политички дијалог е во целост исполнет и симнат од дневен ред“.

„Таму каде што ние како опозиција можевме да влијаеме -работата е завршена. За се‘ останато поврзано со извештајот на ЕК, за состојбите во политизираното судство и партизираната администрација, за притисоците во медиумите и во невладиниот сектор, за корупцијата, криминалот и катастрофалната економска ситуација, целокупната одговорност е на Владата и премиерот Груевски“, рече Црвенковски.

Црвенковски пред новинарите не сакаше однапред да коментира каков ќе биде извештајот на Европската комисија.

Како лага ги оцени тврдењата дека во 1995 година, додека тој бил премиер, била одбиена понудата Македонија да ги почне преговорите со ЕУ под привремената референца.

За преговорите за името, рече дека се водат во затворен круг во кој учествуваат мал број луѓе и нема информации за нивната содржина.

Без оглед на исходот од претстојниот Самит на НАТО во Лисабон, најави дека СДСМ ќе иницира предвремени избори. Најави и формирање влада во сенка, но тоа ќе зависело од терминот на одржување на предвремените избори.

Автор: ЕМФ/макфакс/миа/нетпрес

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM