1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ: Пораз за Македонија на ЕУ-самитот

Македонија под водство на Никола Груевски денеска го доживува најголемиот пораз и неуспех во евроинтеграциските процеси, обвини Радмила Шекеринска од СДСМ по повод ЕУ-самитот на кој земјата не беше спомната.

На последниот самит на Европската унија, како што рече Шекеринска, земјата не успеа да влезе во ниту еден документ, не е спомната во ниту еден заклучок.

„Не постоеше ниту една европска држава којашто го отвори повторно прашањето за нашето членство во Европската унија. Ова ќе биде важен, и е важен совет за проширувањето и за регионот. Србија добива датум за преговори, Косово ја добива Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а Хрватска од понеделник станува земја членка на Европската унија“, рече Шекеринска, која им честита на земјите од регионот.

Таа изрази сериозна загриженост за застојот во македонските евроинтеграциски процеси, и што Македонија со вакви одлуки дефинитивно останува на опашката на Западниот Балкан.

„Премиерот очајно барајќи алиби за дебаклот на неговите политики, по правило, остро ја критикува меѓународната заедница, дрско ја обвинува опозицијата и сите оние кои седум години предупредуваа дека сме на грешен пат. Груевски е возачот на македонскиот автомобил. Меѓутоа, по политичкиот судар тој ги обвинува пешаците, и улиците, и сообраќајците, па дури и совозачите, само за да ја избегне одговорноста своја и одговорноста на Владата која што ја предводи“, рече Шекеринска.

Според неа, точно е дека политиката на Грција по прашањето на македонскиот евроинтеграциски пат и членство во Европската унија не е европска и е штетна. Но, таква е веќе дваесет години и точно е дека меѓународната заедница покажува помала заинтересираност за македонските предизвици од порано.

„Премиерот е должен да поднесе и лична одговорност за погрешните политики и потези на Владата во поглед на нашето членство во Европската унија“, рече Шекеринска.

Таа обвини дека кога извештаите се позитивни, за Груевски тогаш се точни, а кога извештаите критикуваат, тогаш се нарачани.

„Ваквата политика, ваквата кусогледност, ваквата различна политичка диоптрија ја доведоа Македонија во овој крајно неповолен и крајно загрижувачки политички момент. Со ваквата политика на барање виновници за сопствените грешки, со барање на виновник за сопствената одговорност или неодговорност, премиерот и владејачката коалиција сериозно ги загрозуваат виталните интереси и на Република Македонија и на сите нејзини граѓани“, рече Шекеринска.