1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ од форма треба да премине кон реформа

По последниот изборен пораз, само програмски и кадровски реформи може да го спасат опозициониот СДСМ од целосен колапс, проценуваат аналитичари и политичари.

Во СДСМ владее разочараност од изборните резултати, но не и подготвеност за итно анализирање на грешките, кои ја доведоа партијата до седмиот изборен пораз. Генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, вели дека е рано да се зборува за реформи веднаш по првиот круг од локалните избори.

„Не‘ чека втор круг. Секако дека по изборите ќе направиме сериозни анализи, па потоа ќе влечеме потези“.  

СДСМ на локалните избори влезе со надеж дека ќе освои „глас повеќе“ од власта, што требаше да биде доказ за потреба од промени и на централно ниво. Но, партискиот есап не се потврди на изборниот пазар.

„Ние, практично влеговме во избори без кампања, заради ситуацијата по 24 декември. Се покажа дека граѓаните на локални избори се определуваат за локални теми, а за само 20 дена, колку што нам ни останаа до изборите, тешко беше да ја наметнеме нашата програма“, вели Петров.

Во штабот на политичкиот опонент не се изненадени од поразот на СДСМ, иако не очекувале толку драматичен пад. Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е јасно оти граѓаните веќе не прифаќаат неквалитетна програмска и кадровска понуда.

„СДСМ не разбра дека граѓаните сакаат политичари кои работат. Не разбра дека граѓаните памтат и дека со празни ветувања и со грандиозни лаги не можат да ја добијат поддршката. Од друга страна, СДСМ не успеа да го следи темпото на работа на ВМРО-ДПМНЕ. Дали таму нешто ќе се менува, зависи од членовите на СДСМ. Тоа е нивна внатрешна работа, но треба да бидат свесни дека политиката заглавена во '90-тите години, ги носи само од пораз во пораз“, коментира Димовски.

Црвенковски да замине

Владо Бучковски, поранешен лидер на СДСМ, кој добро ги познава состојбите во партијата, а за кого тече постапка за исклучување од нејзините редови, смета дека реформите требало да почнат уште по поразот во 2011 година. 

„Атмосферата 'одам - не одам на избори', придонесе СДСМ да си ја загрози и победата во Куманово, да изгуби во Гевгелија и во многу други општини. ВМРО-ДПМНЕ постави нови стандарди, на терен е поподготвена, а СДСМ има сериозна маана - не ги контролира ни сопствените гласачи и е во многу лоша кадровска, оперативна и финансиска состојба“, вели Бучковски.

Наместо да бара предвремени избори, според него, СДСМ до 2015 година треба да се занимава само со сопствената реформа.

„Не знам што уште треба да се случи, за Црвенковски да сфати дека треба да замине од лидерската функција. Треба да се биде доблесен и во поразот. Сите претседатели на општински организации беа негов личен избор, исто како и кандидатите за градоначалници. Ако бара одврзани раце за одлуките, тогаш мора да понесе одговорност и за резултатите. Во партијата има големо незадоволство кое ќе експлодира. Неговото натамошно присуство на лидерската позиција е контрапродуктивно и можеби е најдобро партијата предводена од Заев да го истурка вториот круг од изборите“, сугерира Бучковски.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski

Екс-премиерот Владо Бучковски

Пропадната „Надеж“

СДСМ на последните избори во 2011 година освои 370.000 гласови, а ВМРО-НП, Достоинство, Обединети за Македонија и ЛДП заедно уште 70.000, со што опозицијата доби вкупно 440.000 гласови. Опозицијата во истиот состав сега на советничките листи освои 290.000 гласа, што покажува дека нејзиното гласачкото тело не расте, туку се топи. Универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски смета дека главната причина за тоа е нереформираноста на партијата, но и фактот дека целиот сет на активности се потпира врз непродуктивната стратегија „Надеж“. 

„Не може со една иста стратегија изработена од Словенци во 2006 година, СДСМ да оди од едни во други избори и ништо да не менува, иако гледа дека таа наместо да го анимира членстото и да ги привлекува неопределените - дава само контраефекти. СДСМ се‘ уште се однесува како во '90-тите години, со функционирање преку идеолошки судир, а не во корист на граѓаните. Очекуваше дека обвинувањата за тоталитаризам и за отсуство на демократија ќе се залепат за гласачите, но тоа не даде резултати. Локалните избори ги издигна на ниво на референдумско изјаснување против власта, а на крајот тоа изјаснување заврши во обратна насока. Тоа покажува дека партијата ја пропуштила можноста да се соочи со новата реалност, новите генерации, новите целни групи и нивните интереси“, вели Јанкуловски.

Соговорниците на ДВ се согласуваат дека СДСМ мора да се реформира, но потсетуваат дека и реформата бара време, а во меѓувреме партијата забрзано се движи по надолна линија.

Плурализам без плурализам  

Според дел од аналитичарите, поразот на опозицијата само го потврдува фактот дека во земјата не постои политичка алтернатива која може да артикулира различна визија за иднината на Македонија. Aртан Садику, програмски директор на Институтот за општествени и хуманистички науки, вели дека тоа укажува на многу поголем проблем од оној што сега го има опозицијата.

„Кај нас е загрозен концептот на плуралистичка демократија во нејзината суштинска смисла за мноштво од идеи, а не за формално постоечки структури. Ако опозицијата по седми пат не може да се наметне кај граѓаните, тоа укажува дека имаме дефицит на политички идеи и на енормна инерција кон она што власта го поставува како централно политичко милје. Во Македонија веќе одамна не постојат два различни идеолошки кампа кои би генерирале реален политички антагонизам, како клуч за политички здраво општество. Имаме само различни структури кои се натпреваруваат за власт под истата, пред се‘ економска, неолиберална доктрина. Сегашната власт успеа да се наметне како нешто ново во политиката преку превезот на популизмот, но суштински тоа претставува продолжување на истата економска логика која сегашната опозиција ја следеше деценија и половина“, оценува Садику.

Во Македонија, според него, недостига реална политичка мобилизација околу левичарски идеи, кои ќе претставуваат контратежа на сегашните неолиберални идеи за економијата, доминантни во сите партии.

На потег е СДСМ. Само анализата на грешките и реформата можат да и‘ го вратат на партијата изгубениот идентитет, гласачите да го препознаат тоа, а плурализмот и суштински да заживее во Македонија.