1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ не се враќа во Собранието

СДСМ опстојува на барањето за предвремени парламентарни избори во Македонија. Партијата, преку соопштение, го отфрли повикот на владејачката партија да се врати во законодавниот дом.

Опозиционата СДСМ го отфрли повикот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да се врати во парламентот и го повтори својот став дека заедно со локалните треба да се одржат и вонредни парламентарни избори.

„За да се избегне понатамошно продлабочување на политичката криза единствено решение е да се врати изгубениот легитимитет на институциите. Тоа не може да се случи само на локални, туку преку слободни и фер предвремени парламентарни избори“, велат од СДСМ.

Оваа партија смета дека, како што наведува, преседанот со насилното исфрлување на новинарите и опозициските пратеници од Собранието, неповратно и‘ го одземал легитимитетот на власта.

„Во ваква ситуација невозможно е да се очекува опозицијата, која беше брутално исфрлена, да се врати во Собранието кое во овој состав нема никаков легитимитет“, стои во соопштението. Притоа се изразува сомневање дека актуелната власт може да организира слободни, фер и демократски избори. „Во вакви услови невозможно е да се одржат само локални избори, бидејќи тоа би значело легитимирање на однесувањето на власта, а сите оние кои би излегле на тие избори би станале соучесници во укинувањето на демократијата“, стои во соопштението.

Опозицијата вели дека за враќање на демократијата во земјата понудила, како што истакнува, разумен и остварлив план, за чија реализација изразува подготвеност да се постигне политички договор.