1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ му дава бланко чек на Груевски

Ќе го прифатиме секое решение за името за кое согласност ќе даде владината коалиција. Ахмети треба да реши-дали ќе биде доследен на партиската политика или на владината позиција, вели лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

default

Не сум истрошен политичар, тврди Црвенковски

Почнува серија протести на СДСМ, на кои им се дава значење на востание, мобилизација. Што е целта на овие собири?

Црвенковски: Целта на овие собири е од една страна да се артикулира незадоволството на граѓаните, кое според посетеноста на митинзите е големо, а второ, да се победи стравот кој систематски се наметнуваше врз граѓаните во изминатиов период од страна на актуелната власт. Таа веќе петта година по ред се служи со репресивни механизми, сее страв кај самите граќани, стопанството, медиумите, невладиниот сектор. Митинзите што ги организираме не се полуги што ќе донесат криза, туку се резултат на отпорот кон постоечката криза. Цели пет години имаме блокади на евроатлантските интеграции, се менува регионалниот контекст, сите околу нас напредуваат. Цената на сите овие блокади ја чувствуваме секојдневно и во сите области, од економија, висока сиромаштија до безработица, па кај луѓето расте стравот од социјална бесперспективност и се наоѓаме во фаза на меѓународна изолација.

Лидерот на ДУИ по враќањето од Брисел е категоричен-нема да ја дестабилизира владата и не излегува од неа. Дали лошо проценивте дека Али Ахмети ќе го напушти премиерот Никола Груевски и во ноември би имало предвремени избори и зошто тој би се определил за Вас, а не би останал во актуелната влада?

Црвенковски: Прашањето е малку покомлексно од изборот дали лидерот на ДУИ се определува за Црвенковски или за Груевски. Дали ДУИ останува доследна на евроатланскиот приоритет во својата партиска платформа и како врвен интерес на Албанците во Македонија, па затоа се‘ треба да биде подредено на таа стратешка цел, па се тврдеше и дека останувањето во владата е мотивирано за да се оствари таквиот приоритет? На тоа одговор треба да даде единствено Али Ахмети и неговата партија. Мислам дека лидерот на ДУИ се наоѓа во една деликатна ситуација - дали да остане доследен на својата политика или на својата владина позиција. Во зависност од тоа ќе зависи каков развој на разврска на политичката сцена ќе имаме.

Дали сте размислувале за нова голема коалиција, овој пат со Груевски, со што би споделиле, презеле и дел од одговорноста во решавањето на спорот околу името, би се се постигнал конзенсус и би се обезбедил побрз влез во НАТО И ЕУ?

Црвенковски: Ако од некоја страна дојде до таков предлог ние нема да прифатиме. Тоа е контрапродуктивно, таква идеја нема да поддржиме и нема да учествуваме во нејзината реализација. Најпрвин, му даваме одврзани раце и бланко поддршка на Груевски да го надмине спорот и да ја внесе Македонија во НАТО И ЕУ. СДСМ не е подготвен да ја понесе одговорноста за нерешавањето на спорот со Грција и блокирањето на преговорите со Европската унија.

Која е логиката и перцепцијата на СДСМ за решавање на спорот околу името?

Црвенковски: На Балканот нема статус кво - или одите напред или се враќате назад. Сите земји од регионот се насочени кон иста цел - евроатлантско интегрирање. Тие напредуваат, ние стоиме во место. Расчекорот станува се‘ поголем. Затоа и клучното прашање е -дали евроатлантските интеграции имаат подеднаков приоритет кај нас, во СДСМ, и во ВМРО-ДМПНЕ. За социјалдемократите е чиста ситуацијата - евроатлантските интеграции се без алтернатива, нема комбинации со некој на Исток, нема други опции. Уште помалку е остварлива опцијата за наша самоодржливост и без НАТО, на пример, ако сите околу нас се таму или ќе бидат членки. Затоа и сите пречки мораме да ги совладуваме, ако е пречка спорот со Грција, треба да го решиме.

Г-дине Црвенковски, една година сте повторно на чело на партијата. Последните анкети не покажуваат пораст на вашата популарност, ниту пак на СДСМ. Власта и дел од опозиционерите тврдат дека сте потрошен политичар. Дали рефромирањето на СДСМ може да се одвива само со Вас? Вие од Прилеп порачавте дека останувате?

Црвенковски: СДСМ не е иста со онаа партија од пред една година. Таа е веќе добро организирана, силно мотивирана и партија со внатрешно единство. Токму последните анкети покажуваат пораст на нашиот рејтинг, но и натамашен пад на популарноста на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Се‘ додека најавите за моето политичко заминување доаѓаат од моите политички конкуренти и противници од власта, тоа само говори дека мојата партија е на добар курс.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска