1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ: Лицемерно соопштение на партнерите во власта

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија коментирајќи го исходот од средбата Груевски- Ахмети оцени дека владините партнери не понудиле решенија за проблемите што сами ги создадоа.

Најголемата опозициска партија во Македонија СДСМ како лицемерно го оцени соопштението што произлезе од вчерашната средба на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети.

„Во лицемерното соопштение се зборува за вредности, почитување, градење доверба, но за жал нема ниту збор за скандалот во Слупчане, за блокираното собрание заради 15 илјади амандмани на ДУИ за Законот за бранители, незаконски преименуваните училишта, групирањето на етничките паралелки, итн. Тоа се серија инциденти, блокади и провокации кои под превезот на лажниот патриотизам владините партнери самите ги создадоа, кои се’ уште траат, и за кои тие не понудија никакво решение", рече Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ, на денешната прес-конференција

Јавноста очекуваше средба Груевски-Ахмети, но најмалку очекуваше само декларативни заложби без разврска за клучните проблеми, коментираат од СДСМ.

„Со вчерашното соопштение, Груевски и Ахмети повикуваат да не се злоупотребуваат меѓуетничките односи од поединци или групации за дневно политички намени, притоа заборавајќи дека тие самите со однапред договорениот хаос и исфорсиран национализам, самите се најодговорни за актуелните проблеми", рече Георгиев.

„Во соопштението се вели: ’Суверенитетот на Република Македонија е неприкосновен’. Додека Груевски беше на владина екскурзија премиерите на Албанија и Косово во Скопје го прославуваа албанското знаме без домаќини. Со ваквото бегство нашиот државен врв пропушти овој значаен јубилеј за Албанците да го искористи за унапредување на меѓуетничките односи и за внатрешно приближување на разликите и уште поважно премиерот свесно пропушти да го демонстрира и суверенитетот на Република Македонија, оставајќи ја државната територија на гостите од соседството, сами да прославуваат", рече Георгиев.

„Нашиот став е дека влошените меѓуетнички односи не се последица на некакво нетрпение меѓу Македонците и Албанците, туку се директна последица на договорен хаос и лажен патриотизам на владините партнери, кој се злоупотребува за затскривање на сиромаштијата, невработеноста и урнисаниот стандард", рече потпретседателот на СДСМ.