1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат околу лустрацијата

Најголемата опозициона партија во Македонија СДСМ го критикуваше објавувањето на имињата на лустрираните лица. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека СДСМ е партија што не сака да се дознае вистината.

Инструментализираната комисија за лустрација, по нарачка на Груевски и ВМРО -ДПМНЕ, ќе се пресметува исклучиво со политичките неистомисленици и ќе прави „реално шоу“, реагира СДСМ откако на интернет страницата на Комисијата јавно беа обелодените имињата на соработниците.

SDSM Gebäude in Mazedonien

„Владејачкото мнозинство во Комисијата за лустрација се однесува како инквизиција, на чие чело стои претседател чиј мандат е одамна истечен. СДСМ не ги гласаше измените на законот за лустрација и нема да биде соучесник во бруталното рушење на Уставниот поредок, загрозување на човековите слободи и права и владеењето на правото“ рече Георгиев. Лустрацијата, посочи тој,се спроведува по закон и законски одредби кои еднаш веќе Уставниот Суд ги укина.

Потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев смета дека погрешна е проценката на владејачките партии дека може со политичко-партиска лустрација да ги покријат сите останати неуспеси и огромни штети од катастрофалните и погубните политики на Владата.

СДСМ сметаат дека со објавување на пикантерии и детали од досиејата ќе се направи обид за отргнување на вниманието на јавноста од поскапувањата на струјата, бензините, парното, рекордната сиромаштија и невработеност.

На прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Георгиев стигна писмена реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien

СДСМ е партија што не сака да се дознае вистината, ниту за тоа кои биле жртви, ниту за оние кои кодошејќи ги своите пријатели, соседи, колеги и останатите успеале финансиски да се збогатат или да напредуваат во кариерата, е реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на СДСМ дека лустрацијата ќе се претвори во реално шоу.

„На таков начин не само што го отежнувале и загрозувале животот на луѓето околу себе, туку биле и пример за вредносен систем во кој кодошењето, лагите, превртливоста и подмуклоста биле основни и поздравени карактеристики. Токму таков извртен вредносен систем штити СДСМ до денес“ се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ, како што се истакнува, не планира да го коментира процесот на лустрација, туку го повикува СДСМ, членовите на СДСМ и сите граѓани да ги прочитаат досиејата кои се објавени на интернет и да видат како функционирал систем, во кој само заради различно размислување и убедување, биле загрозувани човековиот живот и судбина.