1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ жестоко против амнестијата на Хашките случаи

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат со политички инструмент да ги избришат злосторствата и да ги наградат злосторниците. Опозициската СДСМ жестоко реагираше на предлогот за автентично толкување на Хашките случаи.

default

Парламентот расправа за автентично толкување на Хашките случаи, со кое би се затвориле предметите за случувањата од 2001

Mazedonien Das Parlament in Skopje

Опозициската СДСМ смета дека со политички инструмент се бришат воените злосторства

Точката од последна - 25, се најде прва на денешната собраниска расправа.

„Вие денеска сакате да ги наградите виновниците, а да ги казните жртвите. Имате ли елементарно човечко чувство. Ова што вие сакате да го направите не е ниту христијански, ниту муслимански. Злосторниците треба да се казнат, а вие ќе ги наградите“, обвинуваше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски.

Опозицијата ја повика владеачката ВМРО-ДПМНЕ да гласа против предлогот, бидејќи автентично толкување треба да даде судот, а не парламентот.

Претседателката на законодавно правната комисија, Благородна Дулиќ, која доаѓа од редовите на владејачката партија, рече дека е време за помирување на страните и ставање крај на конфликтите.

„Сите држави од поранешна Југославија констатираа дека треба да се стави крај на конфликтите. Ние сме заинтересирани тоа да биде разрешено за целосно да се посветиме за она што е важно за земјата, а тоа е економијата“, рече Дулиќ. Освен Дулиќ, останатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не се јавија за збор, иако опозицијата ги провоцираше.

ДУИ обвинува за двоен морал

Ермира Мехмети од ДУИ побара да не се прејудицира дали некој е злосторник, а пратениците од СДСМ да го заменат таквиот став со поконструктивен пристап. Нејзиниот сопартиец Џеват Адеми од ДУИ ги праша пратениците од СДСМ каде е границата меѓу моралот и неморалот.

Emira Mehmeti Devaja

Ермира Мехмети од ДУИ бара да не се прејудицира кој е злосторник

„Во ноември 2002 година, кога СДСМ беше на власт јас бев приведен, а во 2004 во истата влада бев заменик министер за локална самоуправа. Кога бевме заедно во владата имавме коректна соработка, а денес во вашите очи сум убиец. Каде е моралот?“, истакна Адеми. Тој побара од опозицијата да не игра на картата на национализмот.

„Во 2002 година кога се носеше Законот за амнестија нас не чуваа специјалци, а ВМРО-ДПМНЕ беше на улица. Во 2004-та кога го носевме Законот за територијална поделба од ВМРО-ДПМНЕ не гаѓаа со камења. Тогаш тоа не беше морал. Сега кога ја продавате државата - тоа е морал“, рече пратеникот од СДСМ, Јани Макрадули.

Ивановски ги праша пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како ќе му погледнат во очи на Јохан Тарчуловски, кого го тешеа во Хаг, чии песни пееја и чии плакати делеа на митинзите.

Роднините на жртвите се собраа пред собранието

Parlamentsgebäude in Mazedonien

Роднините на жртвите од Хашките случаи бараат да ја следат седницата од галеријата над собраниската сала

Дебатата за толкувањето на Хашките случаи, со што четири случаи од конфликтот во 2011 година би биле амнестирани, продолжува во текот на денот. Во меѓувреме роднините на киднапираните и убиени жители на Непроштено, како и роднините на малтретираните мавровски работници, дојдоа пред Собранието. Ќе чекале пред законодавниот дом некој од власта да им објасни зошто не се исполнило ветувањето на премиерот Груевски, дека Хашките случаи ќе се решаваат по судски пат. Роднините биле вознемирени и не дозволувале да бидат снимани и фотографирани. Како што информира порталот, наместо власта, роднините на киднапираните ги примила опозицијата. Тие барале да ја следат седницата од галеријата над собраниската сала. Од кабинетот на претседателот на собранието, Трајко Велјановски, информираат дека нема официјално барање за следење на седницата, а според собраниските процедури тоа требало да се достави 24 часа пред седницата.

Додека се води дебатата во собраниската сала, Македонската информативна агенција пренесе писмо од Јохан Тарчуловски, кој иако вели дека е жртва на таквите Хашки случаи, бара тие да се стопираат и пратат во историјата.

Автор: Александар Методијев/ Макфакс/ МИА

Редактор: Александра Трајковска