1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ: Бура во чаша вода или затишје пред бура?

Заев ќе се кандидира, а Црвенковски дефинитивно нема да ја потпише кандидатурата за која општинските организации собираат потписи, велат од СДСМ

Големиот број предложени кандидати (11) кој го девалвира изборот на нов лидер, предвремениот почеток на кампањата од некои кандидати и собирањето потписи за кандидатура на Црвенковски, ја прелеаја чашата во опозицискиот СДСМ. Последната седница на Извршниот одбор заврши со неофицијална најава дека Зоран Заев ќе ја повлече кандидатурата за претседател и со медиумски прогнози за опасност од распад на партијата.

„Заев не може да ја повлече кандидатурата, бидејќи таа официјално и не е доставена. Тој само најави дека ќе се кандидира. Последниот рок е среда, 15 мај, и тогаш очекуваме и тој и другите да ги достават своите кандидатури", велат во СДСМ.

Високи партиски функционери тврдат дека Заев ќе се кандидира, бидејќи има поддршка и од членството и од поранешната претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска. Тој на седницата, во одреден контекст само прашал - „дали е

Politik Skopje, Mazedonien

Зоран Заев

проблем мојата кандидатура?", што било доволно за лавината од шпекулации да достигне кулминација.

Двојни игри

Во интерес на единството, внатрешната стабилност и фер-процедура, од СДСМ велат дека нема да даваат изјави се додека не заврши финалното утврдување на учесниците во трката за избор на партиски лидер, за Конгресот што ќе се одржи на 2 јуни. Спак, потврдуваат дека имало одредени недоразбирања.

„Во медиумите излегоа многу шпекулации, но вистината е една: во СДСМ имаше дискусија, но не и кавга. Со одреден вокабулар членовите на Извршниот одбор на седницата искажаа одредени забелешки за настаните во предконкресниот период. Но, тие проблеми не се нерешливи. Точно е дека има многу предложени кандидати, бидејќи и најмалата партиска клетка - месен одбор може да предлага. Но, тоа не значи дека сите предложени ќе бидат и кандидати на Конгресот. Извршниот одбор, кој има функција на Кандидатска комисија, на седница во четврток (16 мај) ќе ги разгледа програмите и ќе ја финализира листата. Не верувам дека во трката ќе останат повеќе од 3-4 кандидати", вели нашиот соговорник. 

Други извори од партијата, пак, велат дека постои лицемерна, двојна игра.

„Од една страна, повикуваат на еднинство и сплотеност, а од друга страна шират дефетизам од типот „ќе се растуриме" и преку одредена кампања работат на хендикепирање на успехот на партијата. Со двојни стандарди не може да се постигне единство", велат партиски извори.

Кире Наумов, некогашен советник на Црвенковски и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање, кој официјално ја достави својата кандидатура, не сака да навлегува во шпекулации што се зборувало на последната седница на Извршниот одбор.

„Досега никој јавно не изјавил дека не сака да се кандидира. Според мене, процедурата се одвива коректно. Единственото нешто, што е непримерно и може да фрли темна сенка врз демократската процедура, е чувањето во тајност, односно необјавувањето на составот на највисокиот орган на СДСМ - Конгресот", потенцира Наумов.

Од СДСМ претходно изјавија дека имињата на делегатите не треба да се знаат за да не се врши каков било притисок врз нив.

Branko Crvenkovski, SDSM Parteichef, Skopje, Mazedonien

Бранко Црвенковски

Конфузија околу Црвенковски

Поранешниот лидер и член на СДСМ, Владо Бучковски, во колумна објави дека добил електронско писмо од членови на СДСМ во Кочани, во кое се вели:

„Во Kочани, надвор од секаква процедура, во петокот вечерта (3 мај) се повикани претседателите на месните одбори во седиштето на партијата. Повикувани се еден по еден и давани им се наредби да составуваат наводни записници за одржани седници на месните одбори, на кои се предлагаат кандидати за претседател на партијата и кандидати за членови на Централниот одбор. Сите препишуваа однапред подготвен записник, на кој за претседател беше предложен Бранко Црвенковски". Дали е поинаку во другите општини- прашува Бучковски и наведува дека според непотврдени информации, слична била состојбата и во Гевгелија.  

Досега околу 10.000 луѓе се потпишале на иницијативата за кандидирање на Црвенковски. Според Наум Буревски, кој го предводи иницијативниот одбор за кандидирање на Црвенковски, „над 90 проценти од 'обичното' членството на партијата сака тој и натаму да остане на лидерската позиција, бидејќи во овој турбулентен политички момент, на опозицијата и бил потребен лидер изграден и политички и партиски и државнички - како Црвенковски".
Од СДСМ тврдат дека собирањето потписи за Црвенковски не е поттикнато од партиската централа и дека тоа е „автентична и емотивна постапка на членството". Сепак, одредени партиски функционери сметаат дека постапката е комбинирана - дел автентична, дел поттикната од луѓе кои би имале личен интерес и комодитет ако Црвенковски остане лидер.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski

Владо Бучковски

Црвенковски е во многу незгодна ситуација, вели негов близок соработник.

„Тој јасно и гласно најави дека нема да се кандидира за нов лидерски мандат, дека нема да дава изјави, ниту поддршка на некој од кандидатите за да се обезбеди фер-изборен процес. Но, изгледа и тоа не е доволно. Ако не замине од функцијата - тогаш е гробар на партијата. Ако остане - ја растура. Ако молчи -си  гледа сеир. Ако изјави нешто - се меша.  Тоа е навистина конфузна ситуација", вели нашиот соговорник. Тој потврдува дека одлуката на Црвенковски за повлекување е конечна и дека нема да ја потпише кандидатурата за која општинските организации собираат потписи. 

Според Кире Наумов, таа дилема ќе се расчисти по 15 мај. 

„Некои од партијата го мотивираат членството околу кандидатура на Црвенковски и се обидуваат да собираат потписи. На Црвенковски никој не може да му забрани да се кандидира. И мене тоа ништо не ми менува. Но, се ќе биде јасно и ќе имаме чиста слика по 15 мај - дали тој ќе ја потпише кандидатурата и кои други ќе бидат верификувани од Извршниот одбор како кандидати на Конгресот", вели Наумов.