1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Свештениците ги советуваат моќниците

Над 100 претставници на христијанските цркви, Евреите, муслимани, будисти и хиндусите, на Меѓународниот самит на водечките религии во Рим, се обидуваа да подготват препораки за самитот на Г-8 во Италија од 8 до 10 јули.

default

На отворањето на Самитот на религиските водачи, претседателот на Папскиот совет, кардиналот Жан Луј Торан, укажа на потребата од меѓурелигиски дијалог:

„Од верата на сите религии произлегува посебна почит за човековото достоинство. Ние имаме обврска на младата генерација да и‘ пренесеме вредност која ќе даде смисла на нејзиниот живот. Денес се’ се врти околу парите. Меѓучовечките односи се руинират на ниво на трговски односи. Желбата се’ повеќе да се троши, ги преоптоварува резервите на нашата планета. Затоа, како религиозни луѓе, мораме да побараме ова да запре и да ги промениме гледањата“.

Од експлоатирањето на природата и алчноста за профит во светот посебно страдаат најслабите: жените и децата, домородното население во Африка, Азија или Америка, но и припадниците на пониските општествени слоеви. Заедничка задача на сите религии е на овие луѓе, по правило превидени од политиката, да им се даде глас, смета Свами Агнивеш, угледен хинду-свештеник од Индија: „Ние, религиозните водачи, мора да имаме сила, на политиката да и’ ја кажеме вистината. Политичарите на земјите од Г-8 се неверојатно моќни: економски и воено. Секако, тие мора најпрво да го одржат животниот стил на сопствените жители. Но во земјите од Г-8 живеат само околу 20 отсто од сите жители на светот, а трошат 70 отсто од сите природни ресурси, енергија, вода, дрво, минерални ресурси. Овие политичари мора да ги увериме дека се неопходни драстични промени во нивниот животен стил, за да преживее светот. Мора да увидат дека поедноставен животен стил може да се поврзе со повисок квалитет на живот. Во тоа би бил клучот“.

Европа станува тврдина

Подобрувањето на животниот статус во земјите од таканаречениот Трет свет би го отстранило проблемот со кој и’ создава главоболка на политиката во индустриските земји: растечкиот налив на мигранти. Челникот на рајнската покраинска црква Николаус Шнајдер знае колку маки има Европа со ова прашање: „Како се однесуваме со слабите, во кои спаѓаат и бегалците? Како се однесуваме со трошоците? Во моментов имаме една таква игра, што трошоците се префрлуваат од еден на друг. Земји надвор од ЕУ го газат човековото достоинство. Но тоа го има и во Грција, како и во Италија. Скандалозно е, срамно е што Европа така речи се претвора во тврдина. Тоа мора тука јасно да се каже и ќе биде јасно кажано“.

Последица на глобалните промени

Религиозните претставници во Рим подвлекоа дека енормните реки од бегалци, кои денес стојат пред границите на индустриските земји, се последица и на глобалните промени, за што се одговорни сите нации: тука спаѓаат природни катастрофи предизвикани од климатски промени, и војни, во кои меѓународната индустрија за оружје заработува огромни суми пари.

Symbolbild Religionen und Umwelt

Професорот Дин Самсудин, претседавач на исламскиот Мухамадајах, во името на милиони муслимани од Индонезија, рече: „Би сакал да им предложам на моќниците од Г-8 посилно да се заложат траен развој на мирот. Потребен ни е праведен мир во целиот свет. Тоа не би било од полза само за земјите во развој, туку и за индустриските земји“.

Затоа, радикална забрана на оружје за масовно уништување, повеќе обѕир за прирдната околина и за потребите на најсиромашните, се некои пунктови, кои треба да бидат разработени како тези во писмена форма и на почетокотот на самитот во јули треба лично да им бидат врачени на политичарите од Г-8, со надеж дека тие ќе имаат слух за нив.


Автор: Корина Милштедт / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска