1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Свет без војни и атомско оружје

Од 1960 година, пацифистите и критичарите на атомската политика во Германија одржуваат велигденски маршеви во поголемите германски градови. Ваквата форма на демонстрации имаше успех, но патот до целта беше макотерпен.

Велигденскиот марш стана традиција

Велигденскиот марш стана традиција

Идејата за протестен марш на Велигден за мир и против атомската политика потекнува од Велика Британија. Таму се одржуваа велигденски маршеви уште во 1950-те години. Изјавата на Конрад Аденауер, првиот канцелар на Сојузна Република Германија, дека нуклеарното оружје е само „усовршување на артилеријата“ беше провокација за германските пацифисти. Затоа тие организираа марш од Хамбург до Берген Хоне во Долна Саксонија, каде беа стационирани американски војници и нивното вооружување.

Моќта на „вонпарламентарната опозиција“

Велигденски марш во Рурската област во 1991 година

Велигденски марш во Рурската област во 1991 година

Андреас Буро учествуваше во организацијата на првиот велигденски марш во Германија. Во раните 60-ти години, во Германија беше потребна голема храброст за да се учествува на велигденскиот марш. Многумина се плашеа отворено да го кажат своето мислење, но тоа не беше без причина. Мнозинството Германци се чувствуваа загрозено.

„Секој беше опколен од група од 30 до 40 разлутени луѓе, кои настапуваа со аргументот дека Русите ќе не‘ нападнат и мораме да се браниме од нив“, вели Буро.

Голем дел од младинците од средината на 60-те сметаше дека нема свој претставник во Бундестагот, и т.н. „вонпарламентарна опозиција“ имаше влијание. Луѓето веќе не се плашеа да го кажат своето мислење, а велигденскиот марш претставуваше издувен вентил за општеството. Исто така и познатиот автор Ерих Кестнер истакна дека протестот не е идеолошки. Тоа беше добар сигнал во времето на Студената војна помеѓу САД и Русија.

Велигденските маршеви доживеаја кулминација во 80-те години, кога стотици илјади во повеќе градови протестираа против стационирањето на американски ракети од типот Першинг 2 во Германија.

Успесите на велигденскиот марш

Претседателот на САД Барак Обама е против атомско вооружување

Претседателот на САД Барак Обама е против атомско вооружување

Но, кон почетокот на 90-те години опаѓа бројот на демонстранти. По обединувањето на Германија се менуваат односите помеѓу САД и новонастанатата Русија, и на повидок е нов светски поредок. Мировните демонстрации сепак се‘ уште имаат големо значење, вели Вили фан Ојен, денешниот организатор на велигденските маршеви:

„Изминативе години успеавме годишно да има 50 проценти воени обврзници, кои одбиваат да служат воен рок. Тоа е последица на велигденскиот марш.“

Исто така и Винфрид Нахтвај, долгогодишен портпарол на Зелените во Комисијата за вооружување и безбедност, зборува за оправданоста на велигденскиот марш:

„Сојузната влада се‘ уште не одговори на барањето конечно да започне со атомското разоружување, и да го изнесе од земјата последното атомско оружје од Рајнланд-Пфалц. Тоа би бил значаен чекор, но потребен е притисок од јавноста.“

Американскиот претседател Барак Обама се залага за свет без атомско оружје:

„Светот мора со здружени сили да го спречи распространувањето на ова оружје.“

Автор: Волфганг Дик / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска