1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Светски монетарен систем без доминација на доларот?

Економски пулсирања - најновите вести од светот на парите и бизнисот.

default

„Мораме да почнеме да размислуваме за значењето на еден монетарен систем кој се базира врз доминација на доларот“, изјави францускиот претседател Никола Саркози. Тој си го поставувал прашањето, дали сегашниот систем не прави дел од светот зависен од американската монетарна политика. Франција, која во наредната година ќе претседава со групата на најразвиени и на земји во засилен подем Г20, има намера да поднесе предлози за реформа на глобалниот монетарен систем, најави Саркози.

Нема бонитети за ирските банкари

Ирската влада ги спречи плановите на една од загрозените банки да исплати бонитети на своите менаџери. „Алајд ајриш бенк“ планирала исплата на бонитети за 2008 година од вкупно 40 милиони евра, но министерот за финансии Брајан Ленихан во писмо се заканил дека во тој случај ќе ја прекине државната помош која за таа банка изнесува 3,5 милијарди евра. За него не било битно за кој временски простор се однесувале планираните бонитети. Банката потоа вети дека се откажува од исплатата. Министерот, како реакција на однесувањето на банките, најави дека во иднина исплатата на бонитети за менаџери на банки има намера да ја оданочи со 90 проценти.

Бизнисот сепак на прво место

Наспроти протестите дека норвешкиот комитет му ја додели Нобеловата награда за мир на дисидентот Лиу Шаобо, Кина сепак ќе се ангажира во црпење нафта во Норвешка. Кинеското државно претпријатие „Оилфилд сервисиз“ склучи договор со норвешкиот концерн „Стејтоил“ за дупчења во морето крај норвешкиот брег. Новата платформа треба веќе в лето да започне со работа.

Отпуштања во „Џенерал моторс“

Американскиот производител на автомобили „Џенерал моторс“ планира да отпушти од работа илјадници повозрасни работници во 14 свои фабрики во Соединетите Американски Држави. Тие треба да добијат отпремнина од по 60 илјади долари и целосно право на пензија. Отпремнина можат да добијат и помлади работници, но мора да се откажат од правото на пензија. Претпријатието проценува дека во моментов има вишок од околу две илјади работници. Од 2006 година наваму „Џенерал моторс“, чиј удел на пазарот на автомобили во земјата опаѓа, со отпремнина го напуштија околу 66 илјади вработени.

Гугл доцни со „Кром ОС“

Претставувањето на новиот оперативен систем за компјутери на „Гугл“ се одложува за шест месеци. Првите лаптоп-компјутери со оперативниот систем „Кром ОС“, наместо сега пред Божик, ќе се појават на пазарот кон средината на наредната година. „Гугл“ објави дека било потребно уште време за да се отстранат грешките во системот и да се оптимира неговата брзина.

Автор: Ролф Венкел/Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски