1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Светските шампиони декласирани

Денеска на Европското фудбалско првенство во Швајцарија и Австрија се играат првите натпревари од последната група Д. Вчерашниот трет ден од Европското фудбалско првенство беше кобен за фаворитите.

default

Весли Снајдер (лево) , творец на убедливата победа на Холандија против Италија

Фаворитот на хартија во групата Д, Шпанија, својот прв настап на Европското првенство, ќе го има против репрезентацијата на Русија, предводена од холандскиот стратег Гус Хидинг. Натпреварот се игра во австрискиот град Инсбрук, со почеток во 18 часот.

Дали Грција може уште еднаш да изненади?

Во вечерниот термин во 20 часот и 45 минути во Салцбург, играат репрезентациите на сеуште актуелниот европски шампион, Грција и на Шведска. Грците истотака ги предводи странски стратег, Германецот Ото Рехал, кого го сметаат за еден од најзаслужните за историската титула што Грција ја освои на претходното првенство во Португалија.

И сега како и тогаш, Грците не се вбројуваат меѓу фаворитите за титулата, но сигурно дека во очите на другите повеќе не важат за аутсајдери. Ото Рехагел се надева на добар настап на неговите избраници против Шведска: „Се мора да функционира. Сите мораат да бидат 100 процентно фит. Мораме да имаме и малку среќа и мораме да го спроведеме се она што сме го замислиле. Тогаш се надевам дека ќе играме добро“ - истакна Рехагел.

Избраниците на Ван Бастен ги „растурија“ Италијанците

Вчерашниот ден донесе непријатни моменти за главните фаворити во групата Ц, ако не и главни фаворити за титулата. Светскиот вице-шампион Франција не успеа да го скрши одбранбениот бедем на Романците и одигра бледи 0:0, на својот прв натпревар на шампионатот.

Светскиот првак Италија пак претрпе сензационален пораз од Холандија. По 30 години „Портокаловите“ успеаја да ги победат „Азурите“ на некое големо натпреварување и тоа со убедливи 3:0 . Головите за Холандија ги постигнаа Руд Ван Нистелрој и Весли Снајдер во првото полувреме, и Џовани ван Бронкхорст во второто: „Знаевме дека мораме да играме против светскиот првак . Тоа е секогаш тешко , но да се победи 3:0 против Италија, која има толкаво искуство и толкав квалитет - е тоа не го очекувавме“ -изјави по средбата холандскиот селектор Марко ван Бастен.