1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Светскиот вицепрвак потклекна пред Македонија

Женската ракометна репрезентација на Македонија постигна голема победа совладувајќи ја Франција во СРЦ „Кале“ со 30:27.

default

Македонските ракометарки со победата против светскиот вицепрвак Франција си ги зголемија шансите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи годинава во Холандија.

„Многу ми е драго што постигнавме победа. Исто така, мило ми е што публиката се врати во салата ’Кале’ која беше полна и имавме голема помош од трибините. Како што најавивме, се боревме на теренот и стигнавме до победата, иако не беше ни малку лесно“, истакна Драгана Пецевска, која со 8 голови беше втор стрелец во нашата репрезентација.

Македонија имаше водство во текот на целиот натпревар. По воведните испитувања на силите и резултат 4:4, македонските ракометарки направија серија од 7:4, па селекторот на Франција, Оливер Крумболц побара тајм-аут. Но, ни тоа не ја прекина серијата на избраничките на селекторот Гино Стрезовски. Следуваше нова серија и по 21. минута Македонија водеше со шест голови (15:9).

Во вториот дел, почетните минути повторно беа израмнети со тоа што Македонија ја одржуваше предноста од 4-5 голови. Во последните десет минути Македонија имаше водство од 27:22, но Французинките со серија од 4:0 дојдоа на еден гол разлика. Тоа беше се‘ што успеа да направи светскиот вицепрвак, потоа Македонија постигна три голови и освои нови два бода.

Најефикасна на натпреварот беше Јулија Николиќ (порано Портјанко) со 9 голови (6 од 7 метри), а Тања Андрејева имаше 12 одбрани.

По трите кола, Франција е прва со 4 бодови, исто колку и Македонија, по што следат Турција и Литванија со по 2 бода.

Во 4 .коло Македонија в недела гостува кај Франција (почеток 15:15 часот), а Турција ја пречекува Литванија.