1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Светска премиера на „Жената која ги избриша своите солзи“ на „Берлинале“

Новиот македонски филм „Жената која ги избриша своите солзи“ во режија на Теона Митевска ќе ја има светската премиера во една од најпрестижните програми на 62. Берлински филмски фестивал што ќе се одржи од 9-19 февруари.

default

Филмот влезе во програмата „Панорама“ („Панорама Спешл“) како едно од 50-те филмски остварувања на кои заеднички им е силниот авторски печат и претставува престижна селекција од независни уметнички авторски филмови. Македонскиот филм ќе биде во друштво на остварувањата на францускиот режисер Тони Гатлиф, германскиот Фолкер Шлендорф и други.

Symbolbild Kino Film Filmstreifen

„Жената која ги избриша своите солзи“: „За нас ова е многу важно затоа што во Берлин се присутни новинари од сите светски новинарски куќи. Пред неколку недели филмот, се’ уште недовршен, беше прикажан во Берлин пред 12-те членови на бордот на селектори кои многу позитивно реагираа. Нивната сугестија беше дека Берлинскиот фестивал е вистинската платформа за филмот да го започне својот фестивалски живот. 35-милиметарската копија од филмот веќе на 20 јануари ќе биде во Берлин. Задоволни сме затоа што со снимањето завршивме кон крајот на мај минатата година и за помалку од шест месеци завршуваме со постпродукцијата која беше особено комплицирана затоа што се работеше во четири земји“, вели Лабина Митевска, продуцент и една од главните актерки во филмот.

Шпанската актерка Викторија Абрил- главна ѕвезда во филмот

Филмот „Жената која ги избриша своите солзи“ започна да се снима минатата година и за помалку од една година е готов. Тоа е приказна за две жени од различни општества, Франција и Македонија, но кои ќе се спојат под необични околности- едната бара одговори за загубата на својот син и отуѓувањето од својот сопруг, а другата е во потрага по сопствениот изгубен сопруг и води своја битка да го зачува синот. И двете жени се борат да ги преуредат своите животни судбини.

Шпанската актерка Викторија Абрил е главната ѕвезда на филмот „Жената која ги избриша своите солзи“, а играат и Лабина Митевска, Фирдаус Неби, Петар Горко, Жаклина Стефковска, Маја Вељковиќ, Рујиш Беговска, Темер Ибрахим, Береда Решхит од Македонија, Жан Мари Галеи и Арбен Бајрактарај од Франција, Петар Мусевски од Словенија. Директор на фотографија е Матјаш Ердели од Унгарија, сценограф е Вук Митевски.

Продуцентката на филмот и една од главните актерки во филмот Лабина Митевска вели дека во однос на продукцијата овој филм за неа бил- најтежок.

„Ова е копродукција меѓу четири земји, а и главната актерка Викторија Абрил наметна стандарди кои мораше да се исполнат. Освен тоа и филмот се снимаше во прекрасни, но и тешко достапни предели“, објаснува Митевска.

Филмот се снимаше минатата година на повеќе локации во Македонија, главно во околината на Радовиш, пределите на Јасен и во Скопје, а потоа и во Вајмар, Германија и е копродукција меѓу Македонија, Словенија, Белгија и Германија, а поддржан е и од европскиот копродукциски фонд „Еуримаж“. Буџетот на филмот изнесува 1,930.000 евра.

Филм со ист авторски сензибилитет, но- покомерцијален!

Regisseur Stuhl Symbolbild

Филмот „Жената која ги избриша своите солзи“ селекторите на Берлинскиот фестивал го пофалија за неговата извонредна режија, визуелност и одлична глума. Лабина Митевска смета дека ова е најдобриот филм на Теона Митевска досега „поинаков, различен и пред се’- покомерцијален филм во споредба со претходните два филма „Како убив светец“ и „Јас сум од Титов Велес“, вели Лабина Митевска. Сепак и овој филм го задржува истиот авторски сензибилитет.

„Имаме одличен филм со кој Македонија ќе биде колку што е можно подобро - претставена во Берлин. Мислам дека во последните години многу автори добија средства за снимање филмови. Сметам дека има подем во македонската кинематографија и треба да бидеме присутни на најпрестижните фестивали во Берлин, Кан и Венеција“.

Македонскиот филмски фонд започна да крои стратегија за презентирање на филмот во Берлин

Минатата година промовирањето на филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски на „Берлинале“ чинело околу 10 илјади евра.

Darko Baseski Macedonian Film Fund und Labina Mitevska Festival Braka Manaki

Дарко Башевски во поранешно интервју за Дојче веле (архива)

„Исто како лани кога филмот ’Мајки’ беше промовиран преку билборди, дневни програми, на филмскиот маркет на ’Берлинале’, преку посебни проекции за дистрибутерите, така ќе организираме и за овој филм. Но, оваа година во споредба со ланската кампања, имаме комуникација и договор со продуцентот на филмот“, изјави Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на Македонија.

Ова е третиот долгометражен филм на Теона Митевска и по третпат нејзин филм се прикажува во престижната програма „Панорама“ на Берлинскиот филмски фестивал-по краткиот филм „Вета“ во 2001, а потоа и вториот долгометражен филм „Јас сум од Титов Велес“ во 2008 година.

Македонската премиера на „Жената која ги избриша своите солзи“ засега се најавува по светската премиера во Берлин.

Вака македонската кинематографија ја стартува Новата филмска 2012 година. „Жената која ги избриша своите солзи“ е еден од трите македонски филмови чии премиери се најавени до крајот на годинава. Дистрибутер на филмот во Македонија ќе биде „Манаки филм“.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Александра Трајковска