1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Светска економија – 2005

Што се случуваше во светската економија во 2005?

Неефикасна согласност на собирот на СТО во Хонгконг

Неефикасна согласност на собирот на СТО во Хонгконг

Според една студија на Светската банка целосната либерализација на светската трговија годишно би донесла нови приходи од најмалку 200 милијарди долари од кои скоро половината би се слеале кај земјите во развој. И покрај тоа, министрите за трговија на нивната конференција во Хонгконг се согласија за минималното: индустриските земји ќе укинат дел од аграрните субвенции до 2013 година, а најсиромашните земји ќе смеат да извезуваат на запад повеќе нивна стока. За многумина посматрачи пропуштена е шансата за дополнителен замав на светската економија.

Ербас токму на почетокот од годината, во јануари, го претстави својот мамутски авион А-380, а во април уследи првиот пробен лет. Присуствуваа десетици илјади љубопитници и голем број новинари. Се измешаа скоро детската фасцинација за технички достигнувања со нејасната надеж дека огромниот авион би можел да биде симбол за економскиот полет во Европа на стагнацијата. Зашто растежот во 2005 во евро-зоната не префрли 1 ипол насто, додека во САД стопанството доживеа пораст од 3 ипол проценти. Но, и Американците мораа да војуваат со тешкотии, пред се во конкретни бранши. Есента Делта и Нордвест ерлајнс прогласија банкрот, со што 4 од вкупно седумте најголеми американски авио-фирми се најдоа на суд.

И на светски најголемиот производител на автомбили „Џенерал Моторс„ му оди лошо. Во 2006 година ќе бидат отпуштени 30 илјади работници. Има повеќе причини за мизеријата на ЏИЕМ. Една од најважните е промашената бизнис – политика, вели професот Питер Моричи од Универзитетот во Мериленд:

„Се чини дека Џенерал Моторос е на истиот пат на кој се челичниот џин Бетлеем, некои авио-линии како и телеком-концернот АТиТ. Некогаш сите тие беа успешни, меѓутоа ја преспаа промената на глобалната конкуренција„.

Автомобилите на јапонскиот конкурент Тојота затоа пак, се продваат одлично, а веќе во 2006 Тојота би можела, со прозиводство од повеќе од 9 милиони автомобили, да го потисне Џенерал Моторс и да стане најголем производител во светот.

Воопшто кон Јапонија беа завретни очите на Европејците со надеж да се научи нешто од неа. Зашто, по 15 години стагнација, криза и скандали, се чини сега работите тргнаа напред. Јапонската економија расте побргу од онаа на евро-зоната, а големата планина долгови во меѓувреме очигледно стана помала. Симбол на промената стана спорот околу приватизацијата на јапонската пошта. Премиерот Коизуми со својот план наиде на силен отпор и во сопствената партија ЛДП која скоро 50 години е на власт во земјата:

„Пред 4 години ветив дека ќе спроведам реформи дури и ако морам да ја растурам сопствената партија. Приватизацијата на поштата е моето ветување до народот„.

Коизуми ги доби изборите со огромно мнозинство, а на приватизацијата на една од најголемите банки во светот ништо не и стои на патот.

Во 2005 година заврши времето на ефтини пари. Американската централна банка ги зголеми есконтните камати по 12-ти пат по ред и сега изнесуваат 4,25 проценти. За споредба: во јуни 2004 тие изнесуваа само еден процент. Есконтинте камати пораснаа и во просторот на еврото, иако само на 2,25 насто. Пораснаа и цените на енергијата, пред се на нафтата. По катастрофалниот ураган Катрина во САД цената на нафтата за барел повремено стигна и до 70 долари. Сепак, експертите укажуваа дека зголемувањето на цената на нафтата во целиот свет е резултат на зголемената побарувачка, како и на малиот капацитет за прозиводство. Фатих Бирол од меѓународната агенција за енергетика:

„Земјите од Средниот исток секоја година мораат да инвестираат 23 милијарди долари за да го зголемат производството и да ги покријат барањата. Во последните десет години меѓутоа, беа инвестирани многу помалку пари„.

Во 2005 година во Њујорк се собраа претставниците од сите земји на планетава на најголемата конференција во историјата на Обединетите нации. Тема: што да се прави за да се преполови апсолутната сиромаштија до 2015 година? Очекувањата големи, но на крајот не остана повеќе од една декларација во која беа содржани старите ветувања поврзани со нов датум. Германската министерка за развој Хајдемари Вичорек Цојл сепак зборуваше за успех:

„Европската унија го поврза својот акционен план за достигнување на целта од 0,7 проценти поврзано со оваа средба, па сега кон неа треба да се поврзат и другите донатори„.

Ветувањето 0,7 проценти од економското достигнување да се одвојат за земјите во развој е старо 30 години.

Охрабрување стигна и со најавата на големите индустриски земји и Русија на самиот на Г-8, најсиромашните земји да бидат целосно ослободени од нивните долгови. Кон крајот на септември со тоа се согласија и Светската банка, како и ММФ. Пол Волфовиц, шефот на Светската банка, за предрасудите околу таквото ослободување:

„Во 38 држави во Африка и на други места политичарите сега не смеат да размислуваат дали парите ќе му ги поделат на населението или за враќање на невозможните долгови направи од сосема други влади„.

Подобро водење на владите и битка против корупцијата: така во 2005 гласеше најчестата препорака за економско подобрување во Африка. Сепак, годината донесе голем број докази дека корупцијата и митото не се чисто африкански проблем: во октомври истражната комисија на Обединетите нации го претстави својот извештај за програмата ’нафта за храна’. Всушност, најголемата хуманитарна програма на сите времиња требаше да ги ублажи страдањата на ирачкиот народ. Меѓутоа, Садам Хусеин и корумпираните фирми ја искористија шансата за сопствен ќар. Пол Вокер, претседател на истражната комисија:

„Постојат околу 2 илјади 250 фирми за кои имаме докази дека плаќале поткуп или превисоки износи„.

Колку што е можно послободна трговија е најдоброто средство за совладување на невработеноста, тврдат фундаменталистите на пазараната економија. Какви се тешкотиите на земјите во светот да постигнат компромис за намалување на трговските бариери се покажа на министерската конференција на СТО кон крајот на 2005 во Хонгконг. И тоа и покрај фактот што кон крајот на октомври се покажа какви последици има тоа за јазот меѓу богатите и сиромашните региони: во Мароко илјадници Африканци се обидоа да ја минат гарницата на шпанските енклави Сеута и Мелија за да стигнат до Европа при што загинаа најмалку 11 лица. Жан Циглер од агенцијата за право и храна од Обединетите нации во движењето на бегалците и аграрната политика гледа директна поврзаност:

„Субвенциите за производство и извоз на европското земјоделство во последната година достигнаа 349 милијарди долари. На пример во Дакар, најголемиот западно-африкански пазар, може да се купи француски, шпански или португалски зеленчук или овошје за една третина од домашната цена. Според тоа, европската земјоделска дампимг политика го уништува единствениот извор за приходи што го имаат овие африкански држави, односно домашното земјоделство. Европа директно учествува во креацијата на оваа беда што ги тера луѓето на бегство и на неверојатно ирационални ризици опасни по животот„.

Во браншите како текстилната индустрија светот отиде чекор напред: на почетокот на 2005 паднаа извозните стапки за текстилот со кои се бранеа индустриските земји од ефтините производи на земјите во развој. Кина, најголемата светска фабрика за облека го искористи тоа за само неколку месеци да продаде огромни количества во Европа и САД. Европската унија реагираше со нови стапки: на границите се заглавија маици, пуловери, веш. На почетокот на летото двете страни се договорија за преоден рок за одредени производи, па трговијата со текстил ќе биде сосема слободна дури од 2008 година. Евро-комесарот за трговија Питер Менделсон ја искористи можноста уште еднаш да го нагласи значењето на Кина чија економија и во 2005 ќе порасне за околу 9 проценти:

„Кина секогаш беше предизвик за западниот свет, а така ќе биде и во наредниот период. Кинеските армии работна сила, енормната потреба од енергија и суровини и нејзините напори да ги освои пазарите во светот како извозна нација се огромен предизвик за нејзините партнери. Тоа мораме да го прифатиме. Меѓутоа, таквиот предизвик не мора да значи и закана„.

2005 година за светската економија беше година на големи очекувања и мали успеси. И на надеж дека јазот меѓу нив во наредните години барем малку ќе се намали!