1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Светска банка прогнозира засилен глобален пораст

Изгледите за економијата според Светска банка се позитивни. Земјите во подем на глобално ниво остануваат мотори за порастот. Исто така импулси доаѓаат и од индустриските земји - но опасностите остануваат.

Изгледите за глобалното стопанство, според проценките на Светска банка, се толку добри, какви што долго не биле. Додека земјите во подем и во развој и натаму напредуваат, индустриските земји се ослободија од нивната долгогодишна криза, проценува меѓународната финансиска организација во својот извештај за состојбата со светското стопанство. Брутодомашниот производ (БДП) во 2013 година се покачил за 2,4 проценти и оваа година вкупно треба да се зголеми за 3,2 проценти. 2015 година Светска банка очекува глобалниот пораст да изнесува 3,4 проценти, додека во 2016, 3,5 проценти.

„Постигнувањата во напредните стопанства добиваат на сила и тоа во наредните месеци ќе пружа поддршка за посилен пораст во земјите во развој“, оценува претседателот на Светска банка Џим Јонг Ким во своето соопштение. Организацијата очекува порстот во богатите нации од 1,3 проценти во изминатата година да се покачи на 2,4 проценти во 2016 година. Во земјите во подем и во развој се прогнозираат 4,8 односно 5,7 проценти.

Опоравување на еврозоната

Исто така и во еврозоната, според Светска банка, ќе има напредок: Во оваа година треба да биде постигнат пораст од 1,1 процент, 2015 година, 1,4 проценти, додека во 2016 година БДП ќе има плус од 1,5 проценти. Значително подобри се изгледите за САД. За најголемото светско стопанство Светска банка прогнозира пораст од 2,8 проценти за оваа година и 2,9 односно 3,00 проценти во 2015 и 2016 година.

Светска банка меѓутоа предупредува и од глобалните ризици. Пред сѐ порастот на каматите со строгата монетарна политика на Централните банки би можело да претставува проблем за земјите во пораст.