1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Светска банка задоволна од реформите во Македонија

Македонија спроведува реформи кои ќе ја намалат невработеноста, тврдат претставници на Светска банка во земјата. Приватниот сектор создава работни места, велат оттаму.

Светска банка е оптимист во однос на состојбата со невработеноста во Македонија. Во изминатите години преземени се доста реформи во делот на политиките за вработување и очекуваме да видиме резултати. Ова е оценката во Извештајот на Светска банка за Европа и Централна Азија „Назад на работа: Раст со работни места во Европа и Централна Азија“, кој денеска беше презентиран во Скопје.

„Работните места се круцијално прашање за развој на Република Македонија. Невработеноста е многу висока, а половина од населението меѓу 15 и 64 е невработено. Македонија презема чекори за да се надмине таквата состојба и невработеноста во последната година падна под 30 проценти. Тоа е пат кој треба да го изодиме заедно“, рече директорот на Светска банка во Скопје, Татјана Проскурјакова.

Таа додаде дека Македонија и Светска банка работат на заедничка стратегија која е насочена кон намалување на невработеноста.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов наведе голем дел од реформите што се преземени за поттикнување на вработувањето, посочувајќи дека е создадена бизнис клима и дека се подобрени условите во приватниот сектор за отворање работни места. Министерот Спасов потенцира дека е донесен и оперативниот план со кој се предвидува годинава да бидат вработени 4.000 лица.

Во Извештајот, како што рече Омар Ариес од Светска банка, е посочено дека реформите што ги презема Македонија во изминатите години би требало да покажат резултати во однос на отворањето нови работни места. Такво искуство, додаде Ариес, е видено и во други земји, како Полска и Турција.

„Македонија е една од земјите во регионот кои вложија најголеми напори за реформи, за подобрување на институциите и регулативата, што му овозможи на приватниот сектор да создава работни места“, рече Ариес.

Според него, Владата треба да продолжи со политиките и тоа во три области. Првата е да се олесни влегувањето и излегувањето на фирмите на пазарот, односно, како што појасни, да стане евтин чекор побрзото затворање и стечајот на фирмите. Втора област во која треба да се преземаат мерки е подобрување на вештините на работниците и трета е - мотивирање и почнување со работа и работата да биде исплатлива.

Поврзана содржина