1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светската криза не ја погодува трговијата со луѓе

Се чини дека од светската економска и финансиска криза една бранша воопшто не е погодена. Станува збор за трговијата со луѓе, во која се вклучени нелегални групи, но и фирми кои работат по налог на угледни налогодавци.

default

Трговците со луѓе работат со полна пареа, наспроти светската економска криза. Побарувачката е огромна, а интернетот нуди идеални логистички услови. Специјалниот известувач на ОН за трговија со луѓе, нигеријанската адвокатка Џој Езелио, тврди дека точни бројки за размерите нема, но проценките поаѓаат од 1,5 до 2,5 милиони луѓе кои секоја година се жртви на трговијата со „бело робје“. На заседанието на Одборот за човекови права, во Женева допатува и Јана Кохут од Босна, која сакаше да сведочи

Moldawien Plakat Kampagne Menschenhandel

Трговијата цути и во тешки времиња

за сопствената мака. Таа денеска има 30 години, а во времето кога паднала во рацете на трговците со луѓе се наоѓала во лична криза. Во 2004 година тие ја киднапирале, измачувале, ја дрогирале и ја принудиле да работи како проститутка во Словенија цели четири месеци. Најважната лекција од ова тешко животно искуство е дека такво нешто може да му се случи секому: „Постои идејата дека тоа им се случува на луѓето од третиот свет, на необразувани жени од село. Но, тоа не е така, трговијата со луѓе функционира многу едноставно, доволна е група од петмина и тие можат да заработуваат огромни пари...“, раскажува Босанката Јана Кохут.

Од Непал наместо во САД во Ирак

Триесетитригодишниот Кумар Рамѓали од Непал, пак, има поинаква приказна. Тој се обидел како и многумина негови сонародници да избега од сиромаштијата во татковината. Во 2004 година се пријавил кај една агенција за посредување на работна сила во родниот Катманду, на која и’ платил 1.300 долари за наводното испраќање на работа во САД. Парите ги позајмил, но агенцијата наместо за Америка го пратила прво во Њу Делхи. Таму морал уште еднаш да се снајде за толкава сума пари. Му бил одземен и пасошот, по што бил префрлен во Јордан. Дури таму сфатил каде всушност ќе оди на работа - во Ирак.

Sklaverei - Kunst erinnert an Menschenhandel

Статуа во Сенегал во чест на жртвите на трговијата со луѓе

По слободна волја никогаш не би заминал во ирачкиот пекол, вели Кумар: „Веќе немав избор. Морав да го прифатам тоа што ми велеа. Уште во Њу Делхи ми го одзедоа пасошот, немав веќе ни пари, во таква ситуација можев само да заминам навистина во Ирак!“

Ноќна мора наместо богата заработувачка

Но, веќе по пат, соништата за богата заработувачка и враќање во татковината се претвориле во ноќен кошмар. Конвојот автобуси, во кој се наоѓал и Кумар заедно со 80-тина други Непалци, бил нападнат од бунтовниците. Тие успеале да грабнат еден од малите автобуси и потоа да ги убијат сите 12 заложници. Кумар преживеал, но наскоро се нашол во американската воена база Ал Асад, на западот на Ирак, каде морал да мине цели четири години во најтешка и слабо платена работа во пералница и во депонија за ѓубре. Месечно добивал за тоа прво по 280, а подоцна по 500 долари. Во зделката биле вклучени една јорданска и една американска приватна агенција за посредување работна сила, кои сега се соочени со судски процес во САД. Семејствата на загинатите 12 Непалци во нападот на бунтовниците врз конвојот, имено, ги здружиле силите и ангажирале една американска адвокатка. Кумар вели дека радо ќе се појави како сведок во судскиот процес.

Автор: Клаудија Вите/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска