1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светот се простува од Мандела

Светските лидери се собираат во Јужна Африка каде денеска ќе му се оддаде последна почит на борецот против апартхејдот, Нелсон Мандела. Се очекуваат повеќе од 100 илјади луѓе на комеморацијата.

Весели, распеани Јужноафриканци се собираат денеска (10.12) да му оддадат последна почит на нивниот херој Нелсон Мандела на масовната комеморација, на која се очекуваат околу 100 шефови на држави и славни личности. Масовност и покрај дождот кој утрово паѓа околу ФНБ стадионот во Совето, во близина на Јоханесбург, место кое стана симбол на борбата против апартхејдот.

Мандела почина на 5 декември во 95. година од животот. Стадионот во Совето беше местото на кое Мандела го одржа својот последен јавен настап, на затворањето на Светското првенство во фудбал во 2010 година. По комеморацијата, неговото тело ќе лежи во ковчег три дена во Преторија, а погребот е закажан за в недела (15.12) во селото Чуну, каде тој израснал.

Предвидено е говори да одржат бројни светски лидери, меѓу нив и американскиот претседател Барак Обама, кубанскиот Раул Кастро, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и кинескиот заменик-претседател Ли Јуанчао. Покрај Обама, на комеморацијата допатуваа уште тројца поранешни американски претседатели, Џорџ Буш, Бил Клинтон и Џими Картер. Британската делегација ја сочинуваат актуелниот премиер Дејвид Камерон, кој е придружуван од своите тројца претходници на функцијата, а од име на кралицата Елизабета сочувство ќе изрази принцот Чарлс. Германија ја претставува претседателот Јоахим Гаук.

Властите во Јужна Африка пред себе имаат и сериозен безбедносен и логистички предизвик, бидејќи комеморацијата ќе биде еден од најголемите и најпроминентните собири на светски лидери во историјата. На стадионот ќе биде поставена бина од непробојно стакло, а патиштата околу стадионот ќе бидат затворени во радиус од неколку километри.