1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светот се обединува против Гадафи

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, го поздрави усвојувањето резолуција во Советот за безбедност на ОН, со која се замрзнува имотот на либискиот лидер Моамер Гадафи.

default

Моамер Гадафи

Од Меѓународниот кривичен суд Ештон побара да се испита насилството против населението, бидејќи тоа може да се смета за злосторство против човештвото.

„Формална одлука ќе биде донесена во најскоро време со цел резолуцијата да биде итно и во целост спроведена“, порача Ештон, напоменувајќи дека е во постојан контакт со ОН и со САД заради договор за наредни чекори.

Санкции против диктаторот а не против народот

Bildkombo Unruhen in Lybien EU Außenministerin Catherine Ashton

Кетрин Ештон

Американскиот претседател Барак Обама изјави синоќа дека либискиот лидер Моамер Гадафи треба „да се повлече сега“, бидејќи го изгубил правото да остане на власт, јавија медиумите, повикувајќи се на коминике на Белата куќа. „Претседателот смета дека кога единственото средство за еден лидер да остане на власт е да прибегне кон сила против својот народ, тоа значи го изгубил правото да управува и треба да го исполни долгот кон својата земја, напуштајќи ја веднаш“, се вели во документот. Обама ја даде оваа изјава, која е до сега најдиректна во однос на Гадафи, во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел. Таа ги поздрави санкциите на Советот за безбедност на ОН и исто така го повика Гадафи на итно повлекување од власта.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на прес-конференцијата пред малку во Берлин порача:

„Овие санкции се очекуван, недвосмислен и јасен одговор на светската заедница на бруталноста на либиското раководство.“

Тој појасни дека санкциите не се насочени против народот во Либија, туку против диктаторот кој води војна против сопствениот народ.

Русија: Употребата на сила против цивили е неприфатлива

Министерот Вестервеле инаку утре патува за Женева на заседанието на Одборот на ОН за човекови права, каде се очекува иницијатива за исклучување на Либија од членството во ова меѓународно тело.

Westerwelle zu Libyen

Гидо Вестервеле

Според најавите Вестервеле на маргините на состанокот во Женева ќе се сретне со американската колешка по функција, Хилари Клинтон, како и со рускиот колега Сергеј Лавров. Лавров веќе ја осуди употребата на сила во Либија. Шефот на руската дипломатија во телефонски разговор му порачал на либискиот ресорен колега дека употребата на сила против цивилите е неприфатлива. Од почетокот на судирите на 15 февруари ова е најостра изјава на официјална Москва во врска со немирите во Либија.

Британскиот министер за надворешни работи, Вилјам Хејг, пак, денеска соопшти дека неговата земја му ја ускратила дипломатската неприкосновеност на либискиот водач Моамер ел-Гадафи и на неговите блиски роднини. Според непотврдени информации Гадафи во Велика Британија поседува околу 20 милијарди фунти во ликвидна актива, од кои поголемиот дел се концентрирани во недвижности во Лондон. „Времето за полковникот Гадафи измина. Минатата вечер го потпишав указот за одземање на неговиот дипломатски имунитет во Обединетото Кралство, како и одземање на дипломатскиот имунитет на неговите синови и семејството“, ја цитира агенцијата Ројтерс изјавата на Хејг.

Автор: ФЧ/СН/дв/дпа

Редактор: Симе Недевски

DW.COM