1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светот се збогува од контроверзниот Уго Чавез

По смртта на долгогодишниот претседател Уго Чавез, Венецуела прогласи седумдневна жалост. Од целиот свет пристигнуваат реакции и изрази на сочувство.

Погребот на Уго Чавез, на кој присуство најавија голем број шефови на држави и влади од земјите од Јужна Америка, ќе се одржи во петок (08.03), соопшти министерката за надворешни работи на Венецуела, Елиас Хауа.

Погребот на Уго Чавез ќе биде извршен во 10 часот по локално време, а владата ги замоли приврзаниците на претседателот кој стана култна фигура на латиноамериканскиот континент да дојдат облечени во боите на венецуелското знаме.

До новите избори, кои согласно уставот мора да се одржат во рок од 30 дена, земјата ќе ја води потпретседателот Николас Мадуро, кого самиот Чавез го избра за свој наследник.

Во меѓувреме, илјадници приврзаници на Чавез ги исполнија улиците на градовите, во плач и со пораките „Чавез живее“ и „Ние сме Чавез“. Уго Чавез почина во Каракас како последица од боледувањето од рак, во 58. година од животот.

Ахмадинеџад: Чавез почина од „сомнителна болест“

Многу држави од Јужна Америка исто така најавија дека ќе прогласат државна жалост по повод смртта на Чавез. Претседателката на Бразил, Дилма Русеф, кажа дека замина „голем Латиноамериканец“. Еквадорскиот претседател Рафаел Кореа изјави дека Чавезовото заминување е „недонаместлива загуба“. Претседателот на Русија, Владимир Путин, рече дека замина „исклучителен лидер“. Официјален Пекинг соопшти дека венецуелскиот левичарски лидер, Уго Чавез, беше „голем пријател на кинескиот народ“ и вети дека и натаму ќе одржува силни врски со Венецуела.

Zum Tod von Hugo Chavez Venezuela SW

Потпретседателот на Венецуела, Николас Мадуро, облечен во костум со боите на венецуеланското знаме, пред портретот на Уго Чавез

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад изјави дека Чавез паднал како „маченик“ од „сомнителна болест“. Тој исто така, го пофали венецуелскиот претседател како близок сојузник „во служба на народот на Венецуела и во одбраната на човековите и револуционерни вредности“.

Американскиот претседател Барак Обама, пак, порача дека владата во Вашингтон е заинтересирана да работи со владата во Каракас на развивање на „конструктивни односи“. Слично реагираше и министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле кој кажа оти земјата има огромен потенцијал и „дека демократијата и слободата се вистинскиот пат тие потенцијали и да се спроведат на дело“.

Шон Пен и Оливер Стоун тагуваат за Чавез

По повод смртта на Уго Чавез пораки со сочувство до потпретседателот на Венецуела Николас Мадуро испратија и службениците на ЕУ Херман ван Ромпој и Жозе Мануел Баросо: „Европската унија со тага ја прими веста за смртта на Уго Чавез. Венецуела се истакнуваше со својот социален развој и придонесот на регионалната интеграција на Јужна Америка. Во надеж дека ќе ги продлабочиме нашите врски во иднина, испраќаме сочувство на народот и на валастите на Венецуела“, се наведува во пораката на европските службеници.

За смртта на претседателот на Венецуела Уго Чавез се изјаснија и бројни личности од културниот и јавниот живот. Американскиот актер Шон Пен и режисерот Оливер Стоун му оддадоа почит на Чавез. Стоун изјави дека Чавез бил „голем херој“, додека Пен истакна оти сиромашните луѓе ширум светот изгубиле еден од своите најголеми соборци. Пен во август минатата година престојуваше во Венецуела каде учествуваше во изборната кампања на Уго Чавез.