1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Светот не јаде праведно“

Секои 10 секунди во светот умира едно дете поради глад. Притоа, одамна светското производство на храна е повеќе од доволно, проблем е распределбата. Во Германија почнува Недела на борба против гладот.

„Недостиг на добра исхрана во првите илјада дена од животот значи и недостиг на можности во идниот живот“, овој апел на германскиот претседател Јоахим Гаук на отворањето на акционата Недела на борба против гладот, водена од организацијата Германска помош против гладот во светот, е јасен.

„Ова е неспоиво со човечкото достоинство. Правото на доволна исхрана е основно човечко право“, истакна претседателот Гаук. Неговиот говор го означи почетокот на Акционата недела против гладот во Германија, која оваа година е под мотото: „Светот не јаде праведно“. Организацијата Греманска борба против гладот во светот, основана во 1962.година, во пресрет на Меѓународниот ден на исхраната на 16. октомври, сака да ги поттикне Германците на преземање чекори против гладот во многу земји во светот.

Невладината организација критикува - во светот се‘уште гладуваат, како и претходно, 842 милиони луѓе. Секоја година поради неисхранетост умираат 3,1 милион деца, во просек, секои десет секунди по едно. Вкупно, годишно од глад во светот умираат седум милиони луѓе. Организацијата сака да ги анимира Германците самите да станат активни во борбата против светскиот глад,на пример преку училишните прослави, добротворни концерти или собирање донации во претпријатијата.

„Секој може нешто да напрви“, истакна претседателот Гаук во својот говор.

Преобмислување на потрошувачкото однесување

Роман Хере од организацијата за заштитана човековите права ФИАН е убеден во правилноста на концептот на Акционата недела против гладот:

„Позитивно е што ваквите акциони недели ги засилуваат јавната свест и размислувањето на темата глад, што широката јавност ја соочуваат со скандалот на гладот“.

Причини за постоењето глад во светот се недостатоците во системот,погрешната политика на суровини, извозно-увозната политика, што ситните производители во глобалниот југ принудно ги тера на зависност. Но, и крајните потрошувачи во Европа може нешто да преземат за да придонесат кон решавањена проблемот, смета Хере: „Секој може да се информира за тоа од каде доаѓаат одредени производи. Се работи за потрошувачкото однесување, да не се исцрпуваат и залудно трошат толку многу ресурси“.

Експертот за пример го истакнува месото, за чие производство се вложуваат големи ресурси. Позитивно според Хере е што се‘ почесто и помасовно на германските улици излегуваат граѓаните со барање за праведна распределба на ресурсите, како во јануари оваа година, кога протестираа 25 илјади луѓе под мотото „Веќе е доста“.

Помош на терен, наместо постојано испраќање пари

Радио-новинарот и соиницијатор на „Бонскиот повик“, Курт Герхард има поинакво мислење. „Бонскиот повик“ ја критикува сегашната развојна помош од страна на инудстриските држави и се залага за подобра политика конкретно на теренот.

„Судбината на луѓето се решава во Африка, а не на нашите улици, каде луѓето протестираат и можеби донираат пари“, вели тој за Дојче веле. Но, тој Акционата недела за борба против гладот позитивно ја вреднува:

„Мал импулс секогаш носи понешто, продонесува човек да се замисли, затоа е тоа добро“.

Според Герхард, најважно е собраните пари да стигнат навистина до оние на кои им требаат, на пример во Африка. Така всушност се спасуваат животи. Инаку, Герхард и неговите колеги од „Бонскиот повик“ ја критикуваат целта на ОН - 0,7 проценти од националниот брутодомашен производ да се употреби како развојна помош:

„Треба да се воздржиме и натаму да ја опсипуваме Африка со пари, мислата дека парите значат развој, е многу опасна заблуда“.

Наместо тоа, тој предлага помош на самиот терен, односно изградба на функционирачки стопански систем и борба против корупцијата, како и поттикнување на иницијативи од самата Африка.

Инаку, Акционата недела на борба против гладот во светот трае до 20. октомври.