1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Светот мора да се навикне на повисоки цени на нафтата

ОПЕК договори зголемување на производството на нафта, но цената ја диктираат трговците. Порастот не е условен од недоволна понуда на нафта на пазарот.

Министрите за нафта на ОПЕК на денешната средба во либанскиот главен град Бејрут неформално се договорија дневното производство на нафта веднаш да се зголеми за два милиона, а во август за уште половина милион барели, така што од сегашните 23,5 тоа би достигнало 26 милиони барели. Формално решение сепак не е донесено. Иран претходно го отфрли предлогот на Саудиска Арабија, сметајќи дека зголемувањето би било преголемо.

ОПЕК сака да даде сигнал за намалување на цените на суровата нафта. На веста од Бејрут сепак цената на нафтата, која веќе неколку дена изнесува преку 40 долари за барел, забележа мал скок.

Со неформалниот договор од Бејрут, всушност само се дава благослов за статус кво-ситуацијата, бидејќи најголемиот дел од земјите на ОПЕК веќе го зголемија производството. Проблемот, значи, не е во недоволната понуда од нафта. Екстремно високата цена резултира од смеса на шпекулации и такаканеречниот фактор на страв, за кој експертите сметаат дека учествува со една четвртина во сегашната цена на нафтата. Атентатите врз соработници на енергетски претпријатија во Саудиска Арабија го разжарија тоа страхување дека Ал Каеда би можела со терористички напади врз постројките за црпење на нафта да го спречи нејзиниот дотур. Саудиска Арабија, најголем светски извозник на нафта, уверува дека чини се‘ што е можно и замисливо за да ја гарантира безбедноста на нејзините рафинерии.

Во индустриските држави во последните денови се зголемија страхувањата дека високата цена на нафтата може да и‘ наштети на конјунктурата. Но, нафтата ни по денешната средба нема да биде значително поевтина. ОПЕК не влијае толку врз цената, колку меѓународните трговци, од кои зависи колку ќе мора да се плати на бензиските пумпи. Картелот на 11 држави има интерес од “фер-цени” на нафтата, зашто ако останат трајно на високо ниво, индустриските држави ќе мораат да се свртат кон алтернативните енергии. Може само да се шпекулира што во иднина ќе биде “фер-цена”. Нереално е да се очекува враќање на 22 до 28 долари за барел. Стручњаците велат дека светот секако ќе мора да се навикне на цена меѓу 30 и 35 долари за барел.