1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светот згрозен од нападите во Норвешка

Ширум светот осудени двата одвоени напади во Норвешка во кои загина најмалку 91 лице, со оценка дека станува збор за „кукавички чин“ и со ветување за зајакнување на соработката меѓу агенциите во борбата против теророт.

default

Осло по нападот

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун го осуди насилството, изразувајќи им сочувство на жртвите.

„ОН се заедно со народот на Норвешка во овој страшен момент“, изјави портпаролот на Бан Ки Мун, Мартин Несирски.

Ангела Меркел

Ангела Меркел

Во Германија денеска владее шокираност и жалење по нападите во Норвешка. Германскиот претседател Кристијан Вулф упати телеграма со сочувство, а германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека во момент кога се` уште не е јасна заднината на неделото, јасно е дека сите кои веруваат во демократија и заеднички соживот, мора остро да осудат вакви терористички акти, без разлика со што се образложени. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој веста ја добил на враќање од Авганистан во Германија, исто така порача дека нема оправдување за вакви варварски дела.

Американскиот претседател Барак Обама му изрази сочувство на народот на Норвешка за оваа трагедија и ги повика државите ширум светот да ја зајакнат соработката во борбата против тероризмот.

„Нападите се потсетување дека целата меѓународна заедница има удел во спречувањето на случувањата од ваков вид“, рече Обама и додаде дека државите мораат да работат заеднички на собирањето разузнавачки податоци за спречување на таквите напади.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо изјави дека нападите не се нешто што можело да се очекува во Норвешка, која вообичаено се поврзува со мирот и со ширењето на мирот во светот. Терористичките напади ги осудија и претседателот на Европската унија Херман ван Ромпој и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон.

Jose Manuel Barroso

Жозе Мануел Баросо

Осуда стигна и од рускиот претседател Дмитри Медведев. Тој иста дека станува збор за „монструозните напади врз младинскиот камп и врз седиштето на владата во Норвешка.“

„Ги осудуваме овие монструозни злосторства, за кои не може да има оправдување“, рече Медведев во телеграмата со сочувство до норвешкиот премиер Јенс Столтенберг.

И Кина ги осуди нападите во Норвешка, без разлика на замрзнатите односи меѓу двете земји, откако минатата година од Осло Нобеловата награда за мир му беше доделена на кинески дисидент.

„Кина изразува осуда на терористичките напади и сочувство кон семејствата на жртвите“, се наведува во краткото соопштение на кинеското Министерство за надворешни работи.

Автор: ЖА/ТТ/дв/миа

Редактор: Трајче Тосев