1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот за Германците: Вакви ве гледаме

Кристоф Хаселбах / З. Јордановски30 август 2015

Новата студија на ГИЦ „Германија во очите на светот“ ја стави земјата пред огледало. Има многу позитивни оцени, но не е се’ ласкаво.

https://p.dw.com/p/1GNol
Фотографија: Fotolia/unpict

Во една глобална студија направена по налог на Би-Би-Си, минатата година Германија беше најомилена земја во светот. Многумина Германци не си веруваа на очите читајќи ја таа вест. Сега германското Друштво за меѓународна соработка (ГИЦ) објави ново истражување за сликата за Германија во светот. Анкетирани биле луѓе од 26 земји од сите континенти, од сосем различни животни области и социјални слоеви.

Студијата е интересна и поради тоа што ГИЦ може да прави спредба со 2011/2012 година, кога исто така направи вакво истражување. Оттогаш светот во еден дел значително се промени: тероризмот на ИД (Исламската држава), големите бегалски движења кон Европа, украинскиот конфликт и грчката криза пред неколку години или уште воопшто не беа тема, или барем не играа толку голема улога колку денес.

Предност на истражувањето на ГИЦ во однос на студијата на Би-Би-Си е дека е многу подиференцирано. Па сепак, и овде сликата за Германија е „константно позитивна“, вели за ДВ Никола Зајлер, која е една од одговорните за истражувањето.

„Поголеми чевли“ и’ одговараат на Германија

Уште пред три години, не безусловно доброволно и во екот на европската должничка криза, Германија почна да презема поголема улога. Тогаш, како што кажува Зајлер, еден од испитаниците употребил метафора: „Обујте поголеми чевли, ќе ви одговараат“. Во меѓувреме светот гледа „дека Германија ги обу поголемите чевли и можеби треба само уште малку да учи како да оди со нив“, вели таа.

Schuhmesse GDS in Düsseldorf
И поголемите чевли и‘ одговараат на ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Ако соседите пред неколку години уште имаа задршки за тоа дали Германија нема да ја искористи својата позиција на моќ, според новата студија се чини дека сега ја прифаќаат. Еден Французин, на пример, вели: „Кога си економски толку силен, мора да преземеш и поголема одговорност и пред очи да ја имаш целината“. Други дури ја притискаат земјата да биде уште поактивна. Еден глас од Полска со вчудовидување констатира: „Во несигурни времиња сите европски држави гледаат во Берлин. Но, Германија не го разбира тоа. Во чинијата има се’, но не го јаде“.

Автобусот навистина поаѓа во 13.28 часот

Типично германски? Има уште такво нешто? Уште колку! Испитаниците и натаму спомнуваат нешта како точност, дисциплина и ред како типично германски и како темел на германскиот успех. Едно лице од Монголија, по престојот во Германија, изненадено констатира: „Германија е единствена земја во која без размислување можеш да пиеш вода од водоводот“.

Никола Зајлер утврдила дека како типично германски се сметаат функционалните системи - оти „ако на возниот ред стои дека автобусот поаѓа во 13.28 часот, тогаш и ќе појде во тоа време; функционираат образовните системи, здравствениот систем. На тоа во странство се гледа со восхит“.

Енергетскиот пресврт - „панична реакција“

Но, има и случаи кога рационалните Германци губат самоконтрола - барем така гледаат многумина странци. Еден таков пример е ненадејното решение за напуштање на користењето атомска енергија, по атомската катастрофа во Јапонија. Еден Британец тоа го оцени како „панична реакција“.

Windräder bei Frankfurt/Oder
Не секој го разбира енергетскиот пресвртФотографија: picture-alliance/dpa

„Нашите европски соседи не го разбираат сосем енергетскиот пресврт - како треба да функционира и оти Германија не ги поведе на тој пат и европските соседи“, објаснува Зајлер. Од друга страна има восхитување и признание за смелоста да се направи тој далекусежен чекор: „Кој, ако не Германија?“

Природата на Германците

Американец не ја разбира природата на Германците: „Иронија е, како да се објасни успехот и иновативната сила на вашите претпријатија - и покрај сета колебливост и скепса? Има нешто во природата на Германците, што е несфатливо, но многу успешно“.

Перцепцијата за Германците во светот е „дека се воздржуваат од ризик“, вели Зајлер. Во странство се прашуваат дали, на пример, Германија ќе го преспие дигиталниот пресврт и како ќе стојат работите во иднина со германските силни страни. Истовремено се согледува „дека успехот можеби може да се објасни со солидното стопанисување и работење на Германците“.

Повеќе насмевка!

Но, Германија не се состои само од техника, стопанство и организација. На некои им недостига нешто кај Германците: „Сексепил? Тоа и’ фали на Германија“, констатира некој од Мексико.

Други жалат што Германија премалку ја покажува својата културна страна. Еден Египќанец вели: „Со задоволство би видел повеќе од германската култура. Овде малку настапуваат уметници, писатели, поети од Германија“.

Angela Merkel
Од Меркел се очекува повеќе насмевнувањеФотографија: picture-alliance/dpa

Никола Зајлер од анкетите утврдила дека на Германија „и’ се припишува уште многу, многу потенцијал кај себепласирањето во светот, како туристичка цел, кај германскиот јазик“, кој би требало повеќе да се учи во светот. Но, многумина испитаници посакуваат и повеќе понуди на англиски јазик од универзитетите во Германија.

Ако има некој, кој во очите на многу луѓе во светот е поим за германското битие, тогаш тоа е Ангела Меркел. Неспорни се нејзините лидерски аспирации, има многу пофалба за неа. Но испитаник од Бразил има и мал совет за германскиот канцелар: „Можеби таа би требало почесто да се смее“.