1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светот во 2030 година - Кина пред сите?

Прогнозите се тешки, особено оние што се однесуваат на иднината. Претстојниот самит на Г20 (18/19 јуни) во Мексико како повод за анализа - која земја ќе биде надмоќна за 20 години?

Светот е полн со развојни процеси чиј крај е неизвесен, но научниците сепак се обидуваат да ја прогнозираат блиската иднина колку што е можно подобро. Берт Рируп, човек што беше дел на таканаречените економски мудреци во Германија, и шефот за економија во весникот „Ханделсблат“ Дирк Хајлман, во заедничката книга „Години на изобилство - зошто Германија има сјајна иднина“ прават и сценарио за тоа како светската економија би изгледала во 2030 година. Според тоа сценарио, САД за речиси 20 години ќе имаат и натаму најголем брутодомашен производ - 21,2 илјади милијарди долари, по што ќе следат Кинезите со 19,4 илјади милијарди долари. И на третата позиција би биле Азијците, односно Јапонија, која би имала значителна предност пред Индија. Германија, во моментов четврта по големина економија на светот, би се спуштила на шестото место, директно зад Бразил. „Кога би се направила нова Г7 група, тогаш сите четири земји на БРИК би биле дел од неа, но од сегашниот состав би останале уште само три земји“, пишуваат двајцата економисти. Притоа, Германија би била единствена европска земја во клубот на најголемите економски сили.

Дирк Меснер, директор на Германскиот институт за равојна политика, оценува дека целиот 21 век нема да биде век во кој ќе доминира Западот. Тој има малку сомнеж во тоа дека Кина во 2030 година веќе ќе биде најголемата економија на светот, но тоа многу ќе зависи од тоа...

„...дали на Кина ќе и‘ успее политички сукцесивна либерализација.“

China im Geldrausch Flash-Galerie

Кина најголема економија во 2030-та?

Кина полека доаѓа во фаза во која населението станува добростоечко и бара право на соодлучување.

„Историски погледнато, со исклучок на малку земји кои се засноваат врз богатсвото од нафта, нема економии кои успеале да стигнат до брутодомашен производ од над 7.000 долари, а сепак останале автократии“, нагласува експертот Меснер.

Над Европа лебди една голема непознаница - должничката криза и нејзиниот исход. Според сценариото на Рируп и Хајлман земјите повторно би имале контрола врз своите банки и финансии. Но што ако не излезе така, ако еврозоната се распадне?

„Тогаш тоа за Европа тоа би бил голем удар во делот на стопанското постигнување. Тоа би бил удар по кој би биле потребни најмалку 10 години за опоравување. Тоа ќе остави, меѓутоа, траги и за осататокот од светската економија“, вели Дирк Хајлман.

Според авторот на книгата, Африка и во наредните години може да очекува високи стапки на пораст, но не треба да се извлекува заклучок дека Африка бележи бум, зашто тоа е континент каде населението се зголемува многу. За да држи чекор, на Африка и во иднина и‘ е потребен пораст од пет до шест проценти годишно каков што има сега. Но, како што нагласува Меснер...

„Во минатото често бевме сведоци на тоа дека бумот на ресурси и приходи во Африка доведуваше до повеќе корупција и често и до конфликти. Тоа економистите го нарекуваат проклетство на ресурсите.“

Сличен проблем, според Меснер, има Латинска Америка, но на повисоко ниво. И таму економската динамика се заснова врз бум на ресурси, но прашање е дали суфицитот во извозот ќе биде употребен за социјален развој, зашто Латинска Америка е континент со најмногу нерамномерност во распределбата на приходите во светот.

Geschäftsleute vor Weltkarte

Развојот на светот зависи од многу фактори

Сите прогнози и предвидувања би можеле да бидат неточни поради еден фактор кој не запира - промената на климата. Освен тоа, треба да се имаат предвид и ефектите од процесот на глобализацијата, како светската трговија, меѓународните финансиски пазари и миграциони процеси, подвлекува Меснер.