1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Светлина на крајот од тунелот

Подобрената ситуација го документира пресвртот на трендот на пазарот на работна сила во Германија

default

Во јули вообичаено, поради терминот за откази на крајот од претходниот месец, како и поради летната пауза во претпријатијата, бројот на невработени расте. За прв пат по повеќе од 15 години сега е зголемено вработувањето, што ги изненади дури и експертите. Тие очекуваа до 100 илјади невработени повеќе, а фактички ги има 12 илјади помалку. Тоа не е многу со оглед на вкупно 4,4 милиони луѓе без работа, но претставува промена на трендот. Ако во наредните месеци засилено продолжи опаѓањето, на што може да се смета, тогаш - дури и ако наредната зима биде остра – границата од пет милиони веќе нема да биде пречекорена.

За позитивната базична тенденција на пазарот на работна сила не зборува само опаѓањето на невработеноста, туку исто така и бројката од 836 илјади слободни работни места, 220 илјади повеќе отколку во истиот месец лани. Има претпријатија, а веќе и цели региони, во кои трескавично се бара работна сила, пред се’ инженери и обучени работници. Ситуацијата малку се релаксира дури и за нестручната работна сила, за која до пред неколку месеци немаше практично никакви изгледи за вработување. И натаму е напната ситуацијата само кога се во прашање места за обука за ученици во стопанството.

Се разбира дека во изминатите месеци влијание имаше светското фудбалско првенство, но порастот на вработувањето повеќе е во врска со подемот на конјунктурата. Не е во прашање само извозот, туку силно повлекоа и домашните инвестиции, тргна и приватната потрошувачка, која со години стагнираше. Тоа е традиционалната мостра за стопански подем во Германија. Посебно радува што нови вработувања нема само во фирми со работа на одредено време, туку во средниот сталеж се создадени повеќе работни места со обврски за плаќање придонеси во системите на социјално осигурување, отколку што се укинати во големите концерни од областа на индустријата, кај банките и осигурувањата.

Развојот на конјунктурата и на пазарот на работна сила придонесува за пораст на даночните приходи на државата, како и за зголемување на придонесите за социјалните осигурувања. Осигурувањето за случај на невработеност, по долгогодишни дефицити изразаени во милијарди, сега до крајот на јули ќе оствари вишок од преку пет милијарди евра.

Сега е битно да се постигне континуитет на ваквата поволна ситуација, а за тоа се повикани тарифните партнери, и - уште повеќе – политиката. Ова не е време за реформски замор, туку е поволна можност за подобрување на рамковните услови. Мора да се зајакнат условите за пораст на стопанството и да бидат засилени стимулите за прифаќање работа и во нископлатениот сектор. Само така може да биде продолжен позитивниот конјунктурен циклус.